СОМНИТЕЛНО Е ШТО ПРОЦЕНЕТАТА ВРЕДНОСТ НА ТЕНДЕРИТЕ ЧЕСТО СЕ СОВПАЃА СО ПОНУДЕНАТА, СПОРЕД АНАЛИЗА НА МОНИТОРИНГОТ НА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ

    СОМНИТЕЛНО Е ШТО ПРОЦЕНЕТАТА ВРЕДНОСТ НА ТЕНДЕРИТЕ ЧЕСТО СЕ СОВПАЃА СО ПОНУДЕНАТА, СПОРЕД АНАЛИЗА НА МОНИТОРИНГОТ НА ЈАВНИТЕ НАБАВКИИнституциите да покажат интегритет во процесот на јавни набавки и да го оневозможуваат непрофесионалното и незаконско постапување со кое проценетата вредност ќе им биде оддадена на некои понудувачи, се вели во препораките на ЦГК. (Фото: принтскрин)

    Честото совпаѓање на проценетата вредност на тендерите со вредноста на понудите укажува на сомнежи за претходно договарање меѓу набавувачите и фирмите-понудувачи, се вели во анализата на мониторингот на јавните набавки на централно и на локално ниво, на невладината организација Центар за граѓански комуникации (ЦГК) за првото полугодие од 2021 година.

    Дури и во тендери кога проценетата вредност не е јавно објавена, се случува да бидат доставени понуди што се идентични со проценетата вредност, што нескриено упатува на претходно договарање.

    Од ЦГК, невладина која ги следи јавните набавки, посочуваат неколку примери, каде што понудената цена се совпаѓа со проценетата.

    „Во мониторираната набавка на 15 преносни компјутери со софтвер за централизирано управување и на 6 персонални компјутери со софтвер за централизирано управување, којшто беше поделен во два дела. На огласот била објавена вкупната процената вредност (825.150 денари без ДДВ), но не и проценетата вредност на ниво на делови. Понудувачите не можеле да ја знаат проценетата вредност на поединечните делови. Оттука, крајно симптоматично е што еден од тројцата понудувачи за двата дела дал понуди точни до денар, коишто се вклопувале со вредностите дадени во Одлуката за спроведување на постапката. Притоа, за 15 преносни компјутери е побарано 504.750 денари, а за 6 персонални компјутери е побарано 320.400 денари. На планираната е-аукција не учествувал ниту еден од понудувачите“, се вели во анализата.

    Вакви примери има и на локално ниво.

    „Во набавката на опрема и надгледни средства за училиштата во една општина, составена од дури 48 видови производи, проценетата вредност која не е објавена изнесува 7.450.000 денари, а вредноста на добиената една понуда изнесува 7.250.625 денари. Сличен пример е набавката на услуга за дезинсекција и дератизација чија проценета вредност е 169.491 денар, а понудената вредност е 169.500 денари, односно само 9 денари разлика. И во друга набавка на услуги за дератизација проценетата вредност била 118.000, а понудената 117.676 денари. Или, пак, набавка на работни униформи во која проценетата вредност изнесува 180.000 денари, а понудената 177.550 денари. Целосно совпаѓање на проценетата со понудената вредност од 1.000.000 денари има кај една набавка на половно возило. Ист е примерот и со набавка на услуги за зимско одржување на патишта, каде што проценетата вредност од 900.000 денари е идентична со понудената цена. И во двата случаи станува збор за тендери со еден понудувач“, се вели во анализата.

    ЦГК препорачува институциите да покажат интегритет во процесот на јавни набавки и да го оневозможуваат непрофесионалното и незаконско постапување со кое проценетата вредност ќе им биде оддадена на некои понудувачи, а Бирото за јавни набавки треба да го вброи во своите „црвени знаменца“ за ризик од корупција и совпаѓањето на проценетата вредност која не е јавно објавена со понудената цена на ниво од +/- 5 % , особено кога станува збор за единствен понудувач.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира