СОНК ВЕЛИ ДЕКА ШТРАЈКУВААТ 25 ИЛЈАДИ ВРАБОТЕНИ ВО УЧИЛИШТА И ГРАДИНКИ, ШТРАЈКОТ ПРОДОЛЖУВА И УТРЕ

    СОНК ВЕЛИ ДЕКА ШТРАЈКУВААТ 25 ИЛЈАДИ ВРАБОТЕНИ ВО УЧИЛИШТА И ГРАДИНКИ, ШТРАЈКОТ ПРОДОЛЖУВА И УТРЕМинистерството за труд и социјална политика (МТСП) соопшти дека од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, штрајкот на дел од вработените се одвива во 54. (Фото: К. Попов)

    Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) вели дека според нивните сознанија се штрајкува во сите основни и средни училишта и во градинките, а и тие што не се членови на СОНК масовно се вклучуваат во штрајкот. Претседателот на СОНК Јаким Неделков денеска на прес-конференција кажа дека околу 25 илјади вработени во училиштата и градинките се вклучиле во штрајкот, а минорен е бројот и не е повеќе од илјада на тие што не учествуваат. Тој додаде дека мал бил бројот на ученици во основните и средните училишта и релативно мал број на деца во градинките.

    СОНК стапи во генерален штрајк со барање веднаш да се зголемат платите во дејностите образование и детска заштита.

    „Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните која е многу јасна, огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта кои имаат проблем со нивниот социјален статус“, изјави Неделков.

    Неделков рече дека денеска имал краток разговор со министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој му најавил дека можеби ќе се сретнат утре. Тој вели дека чекаат да бидат повикани на средба, но дека тоа мора да биде конструктивен и конкретен дијалог, а не, како што рече, пропаднат и бесцелен разговор.

    Од СОНК велат дека штрајкот ќе продолжи и утре зашто дури и вечерва да има средба со претставници од Владата и да има согласност ќе треба предлозите да одат во процедура кај членството и да добијат овластување за евентуално прекин на штрајкот или одбивање на предлогот.

    „Процедурата мора да се запази и тоа бара време“, додаде Неделков.

    Претходно, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопшти дека од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, штрајкот на дел од вработените се одвива во 54, а во 21 јавна установа вработените воопшто не се приклучија кон штрајкот организиран од СОНК.

    Од МТСП велат дека само во една градинка, односно во „Детска радост“, Гази Баба, Скопје, воопшто во текот на денот не се згрижуваа деца, а во „Пролет“ Карпош, се згрижуваа деца само во еден објект. Во сите останати предучилишни установи и покрај одржување на штрајкот на вработените во градинките, непречено се одвива згрижувањето и воспитанието на децата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира