СОПСТВЕНИЧКАТА НА ФИРМАТА ШТО ТРЕБАШЕ ДА ГРАДИ КАТНА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО ИЗБРАНА ЗА ЧЛЕНКА НА КОМИСИЈАТА НА АЕК СО МЕСЕЧЕН ХОНОРАР ОД 2.700 ЕВРА

    СОПСТВЕНИЧКАТА НА ФИРМАТА ШТО ТРЕБАШЕ ДА ГРАДИ КАТНА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО ИЗБРАНА ЗА ЧЛЕНКА НА КОМИСИЈАТА НА АЕК СО МЕСЕЧЕН ХОНОРАР ОД 2.700 ЕВРАКомпанијата „Анго“ го купи државното земјиште до Собранието за 330.000 евра во 2013 година, но почна да гради во август годинава. (Фото: СДК.МК)

    Анкица Трпковска, сопственичка на фирмата „Анго“ која што требаше да ја гради спорната катна гаража кај Собранието, е избрана за членка на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), објави БИРН. За нејзиниот избор во оваа комисија, која што практично функционира како управен одбор, гласаа 61 пратеник од владејачкото мнозинство во парламентот на седница во вторникот.

    Како што објави БИРН, за ангажманот ќе прима месечен надоместок во висина од четири просечни плати, односно околу 2.700 евра.

    Компанијата „Анго“ го купи државното земјиште до Собранието за 330.000 евра во 2013 година, но почна да гради во август годинава. Сепак, градбата е стопирана откако беше утврдено дека е небезбедно да се подигне гаража до објект од витално значење каков што е парламентот. Премиерот Христијан Мицкоски на 5 септември кажа дека се бара начин да се обесштети инвеститорот. Минатата недела од Собранието соопштија дека наскоро ќе биде готов законот со кој би требало да се реши проблемот.

    Според истражувањето на БИРН, Трпковска била член на Либералната партија, а извесен период и претседателка на партиската унија на жени. Во 2017 година стана и советничка во општина Бутел, од изборната листа предводена од тогаш владејачката СДСМ, а во последниот период на социјалните мрежи ја поддржува владејачката ЗНАМ.

    БИРН во септември откри и дека покрај тоа што актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски последниве години беше адвокат на фирмата, во 2009 година бил и во комисијата на Министерството за транспорт и врски за отуѓување на земјиштето, кога првпат се продаде истата парцела, тогаш на компанијата „Макоил“, која подоцна се откажа, па земјиштето го зеде семејството Трпковски. Тошковски и Трпковски се соседи во иста зграда и како што рече министерот, лични пријатели.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира