СОЦИЈАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ ОД ДЕНЕС НА ОБУКА КАКО ДА ВОДАТ И ДА СЛЕДАТ СЕМЕЈСТВО ВО РИЗИК

    СОЦИЈАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ ОД ДЕНЕС НА ОБУКА КАКО ДА ВОДАТ И ДА СЛЕДАТ СЕМЕЈСТВО ВО РИЗИКВо наредните неколку месеци сите социјални работници од Центрите за социјални работи и 30 отсто од вработените во Агенцијата за вработување ќе минат низ обуките кои се неопходни за спроведување на новиот Закон за социјална заштита (Фото: Фејсбук)

    Социјалните работници од Центрите за социјална работа и 30 отсто од вработените во Агенцијата за вработување од денес се на обуки за интегрирано управување со случаи. Овие обуки, како што велат од Министерството за труд и социјална политика, се клучните алки во реформата на социјалната заштита, со што се воспоставува систем на социјални услуги во заедницата кои нудат услуги и поддршка по мерка на поединецот.

    „Ова значи дека едно стручно лице ќе управува со случајот и ќе има обврска да го следи семејството. На овој начин, социјалниот работник многу подобро ќе ги знае состојбите во семејството, ќе го следи нивниот напредок, но и проблемите во секојдневието. Ова дирекно ќе влијае на превенција од многу потенцијални ризици, но и ќе придонесе кон побрзо извлекување на семејствата од ризик со нивна активација на пазарот на труд“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    Обуките ги спроведуваат Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, во партнерство со УНИЦЕФ и УНДП.

    „Системот за социјална заштита и социјалните услуги постојат за граѓаните и треба да се дизајнирани согласно нивните потреби. Токму затоа работиме на јакнење на капацитетите на стручните работници во системот, но и нови вработувања. Во тек се огласи за вработување на нови 138 лица“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    Заменик директорот на агенцијата за вработување Арбен Зибери вели дека интегрираното водење на случаи отвора можност за поголема поддршка на корисниците, а со тоа и подобри резултати во работењето

    „Водењето предмети може да има огромен позитивен потенцијал во сите аспекти на социјалната работа и во посредувањето при вработување. Ја поддржуваме оваа клучна промена во начинот на кој корисниците се поврзуваат со најсоодветната услуга, со цел семејствата и децата да имаат квалитетен и исполнет живот“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

    Обуките ќе траат неколку месеци, а тие се потребни како дел од подготовките за имплементација на новиот Закон за социјална заштита.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира