СОВЕТНИКОТ НА МАКРОН КОЈ ГО НАПРАВИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ДИПЛОМАТИЈАТА

    СОВЕТНИКОТ НА МАКРОН КОЈ ГО НАПРАВИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ДИПЛОМАТИЈАТААдам беше во советничкиот тим на Макрон уште од почетокот на неговиот прв мандат, и тоа еден од ретките кој остана и во вториот мандат. (Фото: принтскрин/Твитер)

    Творецот на францускиот предлог за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија Александре Адам ја напушти француската дипломатија и се префрли во судството.

    Адам беше творец на предлогот како советник за Европа во кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, учествуваше во сите преговори за негова изработка и има доаѓано во Скопје и во Софија на консултации со властите на двете земји. Од прес-службата на француското Министерство за Европа потврдија дека му истекол мандатот и си отишол во судот.

    Адам беше во советничкиот тим на Макрон уште од почетокот на неговиот прв мандат, и тоа еден од ретките кој остана и во вториот мандат. Пред да биде унапреден во советник за Европа во јули 2020 година, тој беше надлежен за односите со Германија и Источна Европа.  Пред да му се приклучи на тимот на Макрон во 2017 година, Адам работеше во француската амбасада во Берлин.

    На 12 септември беше назначен за член на Државниот совет, највисокиот управен суд во Франција.

    Француското претседателство со ЕУ изработи предлог за симнување на бугарското вето за македонските евроинтеграции, но на 23 јуни, премиерот Димитар Ковачевски во Брисел кажа дека предлогот во таа форма не е прифатлив за Македонија, за на 30 јуни, последниот ден од Француското претседателство со ЕУ, Макрон да каже дека е најден компромис за Преговарачката рамка за членство на Македонија во Европската унија, кој ја вклучува и Бугарија. 

    „Мислам дека најдовме компромисно решение што ја зема предвид чувствителноста на двете страни. Во Бугарија предлогот е прифатен од претседателот и премиерот и сега оди на разгледување во Македонија“, кажа тогаш Макрон.

    Новиот француски предлог, со минимални измени, пристигна во Македонија на 1 јули, и потоа беше доставен на расправа во парламентот. На 16 јули, Владата го прифати францускиот предлог, откако истиот ден во Собранието поминаа заклучоците за предлогот.

    Преговарачкиот процес на ЕУ со Македонија започна на 19 јули и е во фаза на скрининг, но отворањето на поглавјата е условено со вметнување на Бугарите во македонскиот Устав. 

    Г. МИХАЈЛОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира