СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ПО 26 ГОДИНИ ЌЕ ГО УКИНЕ МОНИТОРИНГОТ НА ЗАКОНОДАВСТВОТО ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ВО МАКЕДОНИЈА

    СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ПО 26 ГОДИНИ ЌЕ ГО УКИНЕ МОНИТОРИНГОТ НА ЗАКОНОДАВСТВОТО ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ВО МАКЕДОНИЈАМакедонската амбасадорка Светлана Гелева е постојана претставничка на Македонија во Советот на Европа од 2021 и работи на прашања поврзани со Советот повеќе од 25 години. (Фото: Совет на Европа)

    Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПАЦЕ) на пленарна седница во Стразбур предложи да се затвори постмониторинг дијалогот со Северна Македонија. Македонија стана членка на Советот на Европа во 1995 и до 2000 беше под целосен мониторинг, по што започна постмониторинг дијалогот.

    Усвоената резолуција е заснована врз извештајот на Сибел Арслан (Швајцарија) и Џозеф О’Рајли (Ирска), при што ПАЦЕ ги поздрави мерките што властите во Македонија ги презедоа за реформа на судството и обвинителските служби, како и работата на владата на предлог-законите за Судскиот совет, Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители. ПАЦЕ ги повика властите што е можно поскоро да ги усвојат овие предлог-закони, земајќи ги предвид препораките на Венецијанската комисија и да ја спроведат препораката на ГРЕКО за отстранување на министерот за правда од составот на Судскиот совет.

    На јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која беше изгласана Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија, учествуваа пратениците Иванка Василевска, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска- Стојчевска.

    Со ова завршува 26-годишниот процес на следење на исполнувањето на обврските преземени од земјите-членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои се обврзале земјите-членки. Во овој процес, речиси од самиот прием на Македонија во Советот на Европа, е вклучена и амбасадорката Светлана Гелева, која стана постојана претставничка на Македонија во Советот на Европа во мај 2021. Таа работи на прашања поврзани со Советот повеќе од 25 години. Како професионална дипломатка, во македонското Министерство за надворешни работи (МНР) учествуваше во работата на Меѓуресорската комисија за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, и беше задолжена за координирање на целокупната соработка со Советот на Европа. Лани, македонската амбасадорка Гелева беше вклучена и меѓу 75 жени значајни за историјата на Советот на Европа.

    Усвоениот текст го истакнува и брзото формирање на коалициската влада по парламентарните избори во мај 2024, која покажала „политичка волја и посветеност целосно да ги исполни своите обврски преку нејзината континуирана соработка со телата на Советот на Европа, вклучително и Венецијанската комисија“. ПАЦЕ ги повика властите да го реформираат Изборниот законик со спроведување на преостанатите препораки на Венецијанската комисија и ОДИХР на ОБСЕ.

    Министерот за надворешни работи Стево Црвенковски на приемот на Македонија во Советот на Европа во ноември 1995 (Фото: Совет на Европа)

    ПАЦЕ ги поздрави и преземените мерки за борба против корупцијата и посветеноста на земјата во решавањето на проблемите со човековите права со кои се соочува ромската заедница. Како проблеми кои остануваат се наведени реформирањето на механизмот за балансирање во врска со пристапот до вработување во јавниот сектор, примената на Законот за употреба на службените јазици и почитувањето на правата на лицата кои припаѓаат на бугарската етничка заедница.

    „ПАЦЕ останува загрижено за ниското ниво на перцепирана судска независност и бројните обвинувања за политизација на судството, како и за застарената инфраструктура на судството и неговите недоволни човечки и финансиски ресурси. Исто така, загрижено е за бројните обвинувања за широко распространета корупција во целиот јавен сектор“, објави Парламентарното собрание на Советот на Европа.

    ПАЦЕ предложи да се следат случувањата во земјата во рамките на неговите периодични прегледи за да се оценува напредокот во нерешените прашања, како што се реформата на изборната рамка, судството и обвинителските служби, борбата против корупцијата, спроведувањето на инклузивни политики за обезбедување на правата на малцинствата и лошите услови во центрите за притвор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира