СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ДАДЕ НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУПЧО КОЦЕВСКИ

    СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ДАДЕ НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУПЧО КОЦЕВСКИПортпаролката на Владата, Марија Митева, на 26 март изјави дека Владата ќе ја прекине постапката и дека мислењето од Советот на јавни обвинители нема да го проследи до Собранието. - Љупчо Коцевски (Фото: СДК.МК)

    Советот на јавни обвинители даде негативно мислење по предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Од девет члена на Советот, тројца гласаа за прифаќање на предлогот, додека шестмина беа против. 

    Претходно, Советот на јавни обвинители ја исклучи јавноста од седницата на која се разгледуваше предлогот за разрешување. Членовите на Советот едногласно го поддржаа предлогот на Зорица Павловиќ, која, повикувајќи се на член 10 од Законот за совет на јавни обвинители, побара исклучување на јавноста поради сензитивноста на процесот и заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител.

    Седницата за разгледување на предлогот претходно беше одложена двапати. Првично беше закажана за 18 март, но беше одложена поради седумдневната жалост по трагедијата во Кочани. Минатата недела, на 26 март, седницата повторно беше одложена поради недостаток на кворум. Согласно законските рокови, Советот требаше да го разгледа предлогот за разрешување на Коцевски најдоцна до крајот на оваа недела, иако Владата објави дека ќе ја прекине постапката. 

    Портпаролката на Владата, Марија Митева, на 26 март изјави дека Владата ќе ја прекине постапката и дека мислењето од Советот на јавни обвинители нема да го проследи до Собранието.

    Премиерот Христијан Мицкоски, по трагедијата во Кочани, исто така изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител Коцевски ќе се запре во моментот во кој се наоѓа.

    Владата на 11 февруари годинава донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски, кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години. 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира