СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ Ѝ СЕ НАЛУТИ НА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ЗА ИЗЈАВАТА ДЕКА ТРГУВААТ СО ВЛИЈАНИЕ

    СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ Ѝ СЕ НАЛУТИ НА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ЗА ИЗЈАВАТА ДЕКА ТРГУВААТ СО ВЛИЈАНИЕРистоска на конференција за состојбите во судството и обвинителството, кажа дека членови на Советот на јавни обвинители отворено им велат на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран. (Фото: СДК.МК)

    За изјавата на обвинителката Ленче Ристоска дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание, дадена на конференција пред два дена, Советот на јавни обвинители одлучи да се обрати до Етичкиот совет на јавните обвинители за да одлучи дали таа треба да одговара за јавно искажаните критики.

    „Ние не отвораме дисциплински постапки. Ние само се обраќаме до Етичкиот совет, па тој нека каже дали обвинителката Ленче Ристоска го прекршила Етичкиот кодекс на обвинителите. И од тоа ќе се знаат идните чекори“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски.

    Но, на денешната седница на Советот, обвинителката Ристоска, како и нејзиниот колега Љубомир Лапе биле предмет на расправа и за друга тема, која исто така го става во опасност нивното функционирање како обвинители.

    Се отворила расправа и за наводно нивно недоаѓање на работа четири години. Тоа е всушност времето во кое по распоред, двајцата беа оставени во просториите на поранешното Специјално јавно обвинителство да ги чуваат предметите и доказите, а притоа не им беа давани задачи, освен да продолжат да работат на предистрагите што ги работеле претходно во СЈО.

    „Ако имале проблеми и ако биле под мобинг, требало да се обратат до Советот на јавни обвинители, а не проблемите да им ги решаваат новинари. Ние сме тие што треба да ги решаваме проблемите на обвинителите. Ние сега треба да видиме дали имаат резултати за овие четири години, дали и зошто не оделе на работа. И ако немале резултати, како биле оценувани. Сите тие работи треба овде да ги разгледаме“, кажа Јолевски.

    Ристоска на конференција за состојбите во судството и обвинителството, кажа дека членови на Советот на јавни обвинители отворено им велат на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран и оттаму јасно е дека Советот е избор на тргување со влијание. Таа, исто така, кажа дека Советот потфрлил во исполнувањето на примарната функција од неговото формирање во 2008 година и затоа треба да се реформира.

    Во јули 2021 година, Советот на јавни обвинители воведе нов член во Етичкиот кодекс со кој им се забранува на обвинителите „да ги коментираат во јавноста одлуките донесени од Советот на јавните обвинители“, откако Ристоска јавно побара објаснување зошто мнозинството во Советот гласаше против нејзино унапредување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира