Специјални полициски сили доцна синоќа насила ги влечеа студентите што се спротивставија на изборите за претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот Кирил и Методиј со обвинение дека се лажирани. Во инцидентот има и полесно повредени студенти.
Претставници на Студентскиот пленум цело попладне го блокираа влезот на Студентскиот парламент во близина на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу, во обид да се спречи броењето на гласаките кутии што претходно насилно биле грабнати од Правниот факултет. Тие на актуелниот претседател на СПУКМ Кирил Спировски му поставија ултиматим да ги поништи изборите.
Претставниците на Студентскиот пленум обвинуваат дека во лажирањето на изборите учествувале лица од јавната администрација и членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Инцидентот настана кога кутиите со гласачки материјал беа носени во седиштето на СПУКМ на пребројување. Влезот во зградата беше блокиран од членови на Студентскиот пленум. Во еден момент во зградата упаднаа полицајците од Единицата за брзо распоредување на МВР со полна воена опрема и насила ги влечкаше по земја студентите надвор од зградата, иако тие не пружаа никаков отпор. Само седеа на подот со дигнати раце.
Во текот на ноќта, на социјалните мрежи се појавија слики на модринки по рацете на неколку студентки за кои се тврди дека се добиени за време на интервенцијата на специјалните полициски сили.
Тензијата пред Студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу беше зголемена со огромно присуство на полицијата, која ја блокираше улицата. Во близина беа и водените топови што Владата додека премиер беше Никола Груевски ги доби на подарок од турскиот претседател Ердоган. Понижените студенти им се обраќаа на полицајците со зборовите: „Кого го браните?“, „Си ги тепате сопствените деца“, „Зошто ви дававме цвеќиња?“…