Во Основниот суд Скопје 1 денеска продолжи прегледувањето на снимките од собраниските безбедносни камери од организираниот напад во Собранието на 27 април лани. За настаните од 27 април лани, обвинети се 33 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Се презентирааше целосната снимка од едната камера од холот пред влезот на кабинетот на тогашниот претседавач Трајко Вељаноски. Од снимките можеше да се види дека и тука имало мешаница и судар со дел од специјалците на МВР. Фрлената шок бомба од полицијата за да ја разбие толпата која сакаше да ја пробие блокираната врата која води кон собранискиот прес центар каде беа пратениците, го урна дел од таванот кој е од стиропор. Снимките покажуваат како толпата со остатоците од паднатиот таванот и со кршење на инвентарот маваат кон нешто во ходникот. Снимката од 21 до 22 часот, поради тоа што беше изместена од удар, не се пушти, бидејќи од неа ништо не можеше да се види.
На пуштените снимки на попладневното продолжение од судењето се гледаше како на одредено време толпата од скалите се движи кон холот и потоа оди десно во ходникот кој што го поврзува кабинетот на Вељаноски со прес-центарот каде што беа нападнати пратеници.
Во холот беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и Антонијо Милошоски.
Кога почна толпата да се качува во скалите и да се движи кон холот, Димовски се симна по скалите кои водат пред влезот во Собранието. Во холот се појавува и обвинетиот Јане Ченто.
Еден од обвинетите, Влатко Трајковски, нешто пред 19 часот и 30 минути, влегува во кабинетот на Вељаноски. И тој како претходно Никола Митровски- Кољо по кратко време излегува од кабинетот и се упатува по ходникот кој води кон прес-центарот.
Во холот од 19 часот и 54 минути до 20 часот и 30 минути, покрај обезбедувањето и вработените во Собранието, имаше и припадници на единицата за брзи интервенции (ЕБР) при МВР. Неколку припадници седеа во холот, иако се гледаше како едно лице ги моли да одат да интервенираат. Граѓани се движеа низ холот, додека таму имаше припадници на полициските специјалци. Припадниците на ЕБР потоа се симнаа по скалите.
Околу 20 часот и 30 минути почна мешаница покрај вратата на кабинетот на Вељаноски. Се насобра поголема група на граѓани, кои тргнаа кон ходникот кој води до собранискиот прес центар.
На снимката се гледа и како во одредени интервали толпата граѓани се зголемува и намалува. Толпата почна да бутка нешто пред ходникот. Како што беше кажано на претходните рочишта, дел од припадниците на ЕБР успеале да ја блокираат вратата што води од холот до прес-салата каде беа тепаните пратеници.
На снимката се гледа како толпата почнала да бутка, да фрла и да прска со вода. Тогаш се појавува машко лице без маска кое носи дрво во рацете и одеше кон ходникот кој води до собранискиот прес-центар.
Толпата удираше во нешто, и потоа се виде како ракоплескаат и пак почнаа со буткање, удирање и прскање со вода. Тогаш меѓу толпата се појави еден од обвинетите, Борис Дамовски, со кој присутните се поздравуваа.
Потоа по скалите се појави актерот Владо Јовановски, но по кратко време тој се врати назад. Одеднаш се појави силно светло и на снимката се гледа како паѓа дел од стиропорот на таванот. Специјалците на МВР фрлиле шок бомба за да ја растера толпата. Толпата се разбега, но, за кратко време се врати и почна да го крши инвентарот и да мава со делови од стиропорот. Тогаш се забележува актерот Владо Јовановски како пак се качува во холот и потоа заедно со друго лице на раменици евакуираат повредено лице.
Одеднаш од ходникот кон холот почна да излегува чад. Толпата со клупа почна да удираа и ја поставија исправена. Едната камера некој ја мава и се изместува, па од 21 до 22 часот на снимката не се гледа ништо. По кратката пауза, поради технички проблем на техниката, околу 18 часот продолжи разгледување на снимката од камерата поставена од спротивниот агол.
Претходно беа презентирани снимките од холот пред влезот на тогашниот претседавач Трајко Вељаноски. На снимките се гледаат движењата на обезбедувањето на Вељаноски, како и на обвинeтите Горан Ѓошевски, Иван Цветановски и Елена Божиновска, вработени во кабинетот на Вељаноски. Во кабинетот пред холот се гледаат како доаѓаат лица со фантомки на главата, како Никола Митревски – Кољо, Игор Југ, кој нема фантомка, Митре Питроповски, Дејан Давидовски, кој е во бегство, Горанчо Ангелов и други лица кои дел носеа фантомки на главите. Обвинетиот Никола Митревски – Кољо влегува во кабинетот на Вељаноски, па излегува и им кажува на лицата од толпата каде да се движат.
Судијката Добрила Кацарска со 500 евра во денарска противредност го казни адвокатот Петар Василев, поради нарушување на редот во судницата и непочитување на Судот, бидејќи зборувал без одобрениое од судот.
Г. ТРПЕНОСКИ