СПОГОДБАТА ЗА ТРГОВИЈА СО БРИТАНИЈА НЕМА ДА ЈА ЧЕКА ЕУ, ЌЕ ПОЧНЕ ПРЕДВРЕМЕ ДА СЕ ПРИМЕНУВА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    СПОГОДБАТА ЗА ТРГОВИЈА СО БРИТАНИЈА НЕМА ДА ЈА ЧЕКА ЕУ, ЌЕ ПОЧНЕ ПРЕДВРЕМЕ ДА СЕ ПРИМЕНУВА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТААмбасадорката Рејчел Галовеј и министерот за надворешни работи Бујар Османи на потпишувањето на спогодбата на 3 декември. (Фото: Британска амбасада)

    Владата денеска донесе одлука за предвремена примена на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, на предлог на Министерството за надворешни работи. Со Спогодбата, велат од Владата, се обезбедува целосен континуитет на трговските односи меѓу двете држави, на начин и во обем кој тековно се реализира преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација, бидејќи после Брегзит, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска не е обврзано со договорите на Европската Унија.

    Велика Британија и Македонија на 3 декември ја потпишаа Спогодба за партнерство, трговија и соработка, со која се зајакнува трговскиот однос помеѓу двете земји. Двете земји лани оствариле трговска размена во вредност од 1,8 милијарди фунти, со што Македонија е најголемиот трговски партнер на Велика Британија од Западен Балкан.

    Спогодбата ќе ги зајакне меѓусебните економски, политички, безбедносни и културни врски и ќе им овозможи на британските бизниси да продолжат да тргуваат на начин на кој и денес го прават тоа.

    „Слободната и фер трговија е од витално значење додека работиме на економското закрепнување од коронавирусот и затоа сум воодушевен што денеска ги зацврстивме нашите трговски односи со Северна Македонија. Оваа спогодба дава сигурност за деловното работење во двете земји и ја покажува нашата посветеност да ги зајакнеме нашите силни трговски врски со Северна Македонија и Западен Балкан“, изјави тогаш британскиот министер за трговија, Ранил Џајавардина.

    Според британската амбасадорка Рејчел Галовеј, по пристапувањето во НАТО, оваа спогодба е уште еден позитивен чекор во зајакнувањето на односите помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.

    „Северна Македонија нуди големи можности за компаниите и инвеститорите од различни индустрии од Обединетото Кралство, додека потпишувањето на оваа Спогодба означува нова ера на зголемени инвестиции во нашите економии. Обединетото Кралство останува посветено на евроатлантскиот пат на Северна Македонија и ние ќе продолжиме да бидеме обединети како сојузници во НАТО“, кажа Галовеј.

    Најголемиот извоз на Обединетото Кралство во Македонија биле обоени метали (1,1 милијарда фунти), неоргански хемикалии (77 милиони фунти) и текстил (четири милиони фунти), додека во спротивна насока имало најголем увоз на метални руда и отпад (49 милиони фунти), облека (16 милиони фунти) и мебел (13 милиони фунти).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира