СПОМЕНИКОТ НА ГЕНЕРАЛОТ КАВАРНАЛИЕВ ЌЕ ПРИВЛЕЧЕ ТУРИСТИ ОД БУГАРИЈА, КАЖА ЗАЕВ ВО ДОЈРАН

    СПОМЕНИКОТ НА ГЕНЕРАЛОТ КАВАРНАЛИЕВ ЌЕ ПРИВЛЕЧЕ ТУРИСТИ ОД БУГАРИЈА, КАЖА ЗАЕВ ВО ДОЈРАНПремиерите Зоран Заев и Бојко Борисов пред возобновениот споменик на бугарскиот генерал Константин Каварналиев кој загинал во битка против грчката војска во јуни 1913 година во Втората балканска војна. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов денеска во близина на Дојран го открија возобновениот споменик на генералот на бугарската армија Константин Каварналиев, на местото каде што тој погребан во 1913 година за време на Втората балканска војна. Како што кажа Заев, возобновувањето на споменикот, уништен во 1966 година, е на иницијатива на Борисов.

    Заев вели дека со возобновувањето на споменикот Општина Дојран добива уште една историска точка и сигурно ќе привлече туристи од Бугарија.

    „Не робуваме на стереотипите, туку градиме искрен и отворен пријателски однос. Ги славиме и почитуваме нашите особености и ја прифаќаме и чествуваме историјата која ни е споделена. Со возобновувањето на споменикот Општина Дојран добива уште една точка од историско значење, што сигурно ќе привлече туристи и туристичко внимание на дел од населението во Бугарија. Со тоа добиваме уште едно обележје од богатата и слоевита историја на Балканот, која треба да ја почитуваме, но на која не треба да и робуваме. Треба да градиме еден нов Балкан, кој нема да биде синоним за војни и конфликти, туку за пријателство, мир, стабилност, просперитет и економски развој“, рече Заев.

    За полковникот Каварналиев, постхумно унапреден во генерал, Заев кажа дека загинал херојски, бранејќи пред сè цивилно население.

    Полковник Константин Каварналиев Бугарите го слават поради саможртвата и спасувањето на илјадници цивили кои бегале од Грците за Втората Балканска војна во 1913. Во Првата балканска војна здружено против отоманска Турција војувале Бугарија, Грција и Србија. Во Втората балканска војна Бугарија војувала против Србија и Грција и меѓу другите изгубила дел од териториите во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира