СПРЕЧУВАЊЕТО КОРУПЦИЈА КАЈ ПРАТЕНИЦИ, СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ Е ОЧИГЛЕДНО РАЗОЧАРУВАЧКО, СЕ ВЕЛИ ВО ИЗВЕШТАЈ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЗА МАКЕДОНИЈА

    СПРЕЧУВАЊЕТО КОРУПЦИЈА КАЈ ПРАТЕНИЦИ, СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ Е ОЧИГЛЕДНО РАЗОЧАРУВАЧКО, СЕ ВЕЛИ ВО ИЗВЕШТАЈ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЗА МАКЕДОНИЈАВо извештајот на ГРЕКО е наведено дека Антикорупциската комисија неодамна беше вмешана во сериозни контроверзи и мнозинството од нејзините членови поднесоа оставки. - Седница на Антикорупциската комисија

    Перформансите на Македонија во поглед на спроведување на препораките за превенција на корупцијата кај пратеници, судии и обвинители се очигледно разочарувачки, а земјата јасно треба да преземе поодлучна и фокусирана акција во однос на бројни препораки издадени пред четири и пол години, се вели во најновиот извештај на ГРЕКО. Група држави против корупција (ГРЕКО) е тело на Советот на Европа, основано да го надгледува спроведувањето на антикорупциските стандарди на организацијата од страна на земјите членки.

    „Во оваа фаза од процесот, перформансите се очигледно разочарувачки, а земјата јасно треба да преземе поодлучна и фокусирана акција во однос на бројни препораки издадени пред четири и пол години. Со оглед на горенаведеното, ГРЕКО заклучува дека сегашното многу ниско ниво на усогласеност со препораките е ‘глобално незадоволително‘“, се вели во заклучоците од извештајот, објавен денеска.

    Во однос на пратениците во Собранието, во извештајот на ГРЕКО е наведено дека ситуацијата не е променета многу и ниту едно од препорачаните подобрувања не се имплементираа дури ниту делумно, со исклучок на изготвувањето на кодекс на однесување за пратениците, кој сега е повторно вратен на вистинскиот пат, откако проектот беше стопиран кон крајот на 2016 година.

    За судиите и обвинителите, во извештајот се вели дека Македонија направила ограничени, одлучни подобрувања. ГРЕКО со задоволство гледа на тоа дека Законот за Судскиот совет беше изменет во декември 2017 година и во мај 2018 година и дека сега предвидува можност за жалба против одлуките за назначување и унапредување, како и за периодичниот систем за оценување на судиите, кој става поголем акцент на квалитативните критериуми.

    Што се однесува до системот на пријавување на средства и интереси, ГРЕКО жали што не се случил значаен развој за да се зајакне контролната функција и да се поддржи балансираниот пристап (без политичко мешање) на Државната комисија за спречување на корупцијата. ГРЕКО, исто така, забележува дека последниот извештај на Комисијата на ЕУ во контекст на преговорите за европска соседска политика и проширување, објавен во април 2018 година, не забележува напредок во однос на зајакнувањето на истражните капацитети на ДКСК и нејзината независност од политичките партии и општо, ограничена евиденција на земјата во однос на случаите со високи функционери. Од ГРЕКО потсетуваат дека ДКСК неодамна беше вмешана во сериозни контроверзи и мнозинството од нејзините членови поднесоа оставки, поради наводите за лошо управување со средствата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира