Српската амбасадорка Душанка Дивјак Томиќ се враќа во Скопје на 31 август, а на 1 септември ќе бара прием кај премиерот Зоран Заев, објави српската агенција „Бета“. Од српската амбасада во Скопје за агенцијата велат дека првите членови на персоналот веќе се вратени, а во текот на денот ќе пристигнат и останатите, а амбасадата ќе почне со работа утре.
Србија ги повлече вработените од амбасадата на консултации во неделата. Вчера имаше телефонски разговори на највисоко ниво Зоран Заев-Александар Вучиќ и Никола Димитров-Ивица Дачиќ, по кои што беше соопштено дека двете земји се договориле да си дадат взаемна поддршка една на друга на патот кон ЕУ без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања.