СТАВРЕСКИ МОРА ДА ГИ ПРЕЗЕМЕ И ХОДНИЦИТЕ ВО ВРХОВНИОТ СУД ЗА ДА СЕ СУДИ „ДИВО НАСЕЉЕ“

    СТАВРЕСКИ МОРА ДА ГИ ПРЕЗЕМЕ И ХОДНИЦИТЕ ВО ВРХОВНИОТ СУД ЗА ДА СЕ СУДИ „ДИВО НАСЕЉЕ“

    Големата свечена сала во Врховниот суд, која Владата им ја одзеде на врховните судии и на претседателката Лидија Неделкова, претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски ќе може да ја користи само ако може да ги прелета ходниците на Врховниот суд. Кога пред две недели министерот за финансии Зоран Ставрески извршил упад во највисокиот суд и потпишал таа сала, која не е адаптирана за судење, да му ја даде на Панчевски за да ја користи за судскиот процес “Диво Насеље“, заборавил на Врховниот суд да му ги одземе и гаражите кај што со оклопни транспортери ги носат обвинетите терористи, лифтовите за до судницата, холот на приземјето и ходниците. Затоа, на вчерашното закажано рочиште адвокатите и новинарите останаа надвор од Судот.

    Ставрески ќе мора да направи нов упад во неприкосновените простории на Судот и да донесе нова одлука со која на Неделкова ќе ѝ ги земе и ходниците.

    “Она што не сме моќни да го спречиме е да не облетуваат хеликоптерите врз глава и најголемото полициско обезбедување со оклопни возила и многу оружје во и околу зградата. Во кој Врховен суд во демократскиот свет има ваква глетка?“, прашуваат врховните судии.

    Судењето за „Диво Насеље“, кумановскиот судир што се случи пред една година, треба да почне од почеток  бидејќи судот ја спои постапката со случајот „Молња“, односно со логистичарите кои беа уапсени пред неколку месеци. Бројот на обвинети се искачи на 37 обвинети, а бројот на бранители е 15 лица. Во судирот во Куманово загинаа осум македонски полицајци и десет припадници на вооружената група, а обвинети се 29 лица кои одговараат за тероризам.

    Минатата недела, претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека присилното одземање на свечената сала не го доживува како нејзино понижување, туку како понижување на Врховниот суд како институција.

    “Судиите и вработените се вознемирени сериозно од одржувањето на судскиот процес за Диво Насеље. Не е можно да се донесе ваква одлука без согласност на Врховниот суд. Јас сум ги образложила причините зошто не може да се одржи судење во таа сала. Јас со функцијата по закон сум задолжена да се грижам за безбедноста на вработените, на судиите, за економското работење на Судот, одговорна сум за материјалната штета, за инвентарот. Ова не е сала за судење и јас и да сакам не смеам да ја дадам на користење, а не смеам неа ни за рочишта на Врховниот суд да ја користам. Ова е сала на судиите. Како инвеститор на зградата се наведува Министерството за правда. Јас двеипол години водам битка да се впише во Катастар сопственикот на зградата, Врховниот суд на РМ, и одговорот секогаш е: Работата е при крај! Беа тука од Катастар, мереа, но зградата не ја упишуваат во сопственост на Врховниот суд“, изјави тогаш претседателката Неделкова.

    Неа како претседател не само што не ѝ била доставена одлуката на Владата, туку и од почеток, кога таа во два наврата покажала добра волја и ја отстапила свечената сала за процесот “Диво Насеље“, шефот на судската полиција во Врховниот суд, кој патем е главен на целата Судска полиција, бил игнориран кога прашувал што ќе се случува таму, какви безбедносни мерки треба да преземат, како ќе функционираат врховните судии и вработените, како ќе седат затворени во канцелариите и нема да смеат да излезат од врата додека трае рочиштето. Таа дрскост кон судската полиција во највисокиот суд, велат вработените, ја прелеала чашата.

    Неделкова двапати претходно ја отстапила свечената сала за “Диво Насеље“, иако нема “клупи“ за да ги стават бранителите пред себе предметите и актовките. После тоа, тврдат вработените, останале расклатени и расштрафени столчиња, гуми за џвакање под столчињата и на теписонот, ѓубре во целата сала. Но, најстрашна била, велат окупацијата од полицијата. Никој не смеел ни да влезе, ни да излезе од Врховниот суд додека траело рочиштето, странките биле враќани во радиус од 50 метри од Врховниот суд, а специјалци ги треселе вработените во зградата.

    “Знаете ли, ако се случи нешто, не дај Боже биде поставена бомба или настане друга катастрофа, кој ќе биде виновен? Претседателот на Врховниот суд, кој е одговорен за зградата ќе ја сноси вината“, објаснуваат долгогодишни вработени во Врховниот суд.

    Академик Владо Камбовски во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК минатата недела ја критикуваше постапката на министерот за финансии Зоран Ставрески и оцени дека со потпишувањето на таа владина одлука извршил досега невиден упад во неприкосновените простории на судството, заканувајќи им се на врховните судии и на судиите воопшто дека може лесно сите да бидат исфрлени како партали надвор од своите кабинети.

    “Тие простории се неприкосновени на судството. Не смее министер таму да припари. Утре Владата може да го исели Судот. Може судиите да ги исфрлат од работните простории. Ова се веќе ирационални постапки“, изрази загриженост академик Камбовски за окупацијата на Врховниот суд од Владата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари