Сто пациентки од Клиниката за онкологија 2 месеца чекаат за скен на коски на Институтот за патофизиологија, а оттаму им рекле дека немаат изотопи, кажа денеска Ана Марјановиќ од Здружението „Хема-онко“ пред појадокот за пациентите на Клиниката.
„За скен на коски во овој момент чекаат 100 пациентки кои се од Онкологија, со приоритетни упати препратени на тоа испитување, поради продолжување на терапијата. Што значи дека додека исптитувањето не се направи, тие се без терапија, а тоа како што знаете понатаму го комплицира нивното лекување. Проблемот кој е посочен од институцијата е дека немаат изтотипи“, кажа Марјановиќ.
Според Марјановиќ, Институтот за патофизиологија е една од ретките институции во која има ред.
„Апсолутно, додека имаат изотипи оди регуларно по протокол доколку имате потпис од онколог и печат дека сте приоритетен. Само тогаш добивате предност. Меѓутоа, проблемот изминатите месеци е дека пациентки кои се со печати, 100 пациентки, чекаат да бидат прегледани за да знаат нивните онколози како да го продолжат лекувањето . Во овој момент не можат да го продолжат тоа лекување поради снимањето. Што значи дека за секој кој е на терапија, одолговлеувањето на терапијата нема да носи ништо позитивно. Постојано кажуваме дека континуитет во терапијата мора да се има“, кажа Марјановиќ.
За овој проблем во здравството Марјановиќ му кажа на министерот за здравство Арбен Таравари пред медиумите, кој рече дека првпат дознава за тоа.
„Како Министерство за здравство веднаш ќе видиме што можеме. Иако ова се работи за Институт за патофизиологија кој воопшто не е под Министерство, туку е под Медицински факултет и под Министерство за образование и наука, но секако ние треба да интервенираме и да видиме што може да направиме. Добро е што ја добив оваа информација, ќе видам во следните денови што можеме како Министерство да помогнеме“, кажа министерот.
Б. НЕСТОРОСКА