СТОГОДИШНИЦИ ИМААТ ТЕРМИН ЗА ПРЕГЛЕД ВО БОЛНИЦА, НАЈСТАРИОТ ИМА 106 ГОДИНИ

    СТОГОДИШНИЦИ ИМААТ ТЕРМИН ЗА ПРЕГЛЕД ВО БОЛНИЦА, НАЈСТАРИОТ ИМА 106 ГОДИНИСпоред податоците од МојТермин најмногу пропуштени прегледи има во градската општа болница „8-ми септември“. (Фото:СДК.МК)

    Стогодишни пациенти имаат закажан термин за лекарски преглед, покажува електронскиот систем за закажување МојТермин. Според податоците од овој систем, во моментов 18 пациенти кои имаат над 100 години, а имаат активен упат за преглед.

    „Најстариот пациент кој е регистриран во состемот МојТермин е пациентка од Скопје, која има 106 години, и која според системот била на прегледи во периодот од јуни до септември“, велат од Министерството за здравство.

    Дел од пациентите, кои последните три месеци имале термин за преглед се жалат дека не можеле да се прегледаат или повторно чекале со часови за прегледот, бидејќи иако навреме дошле на закажаниот термин, лекарот не дошол, или многу доцнел.

    Во случаи кога лекарот нема да може да дојде во амбуланта, тој треба да го најави своето отсуство и да одреди замена, а пациентот кој има термин да се прегдледа кај замената. Според податоците од надлежните, последните три месеци 948 лекари пријавиле дека нема да можат да дојдат во амбуланта и да прегдледуваат пациенти.

    Од Министерството за здравство велат дека проблем се и оние пациенти на кои им е закажан преглед, но не се појавуваат на лекар, а претходно не го откажале терминот.

    „Според податоците од МојТермин најмногу пропуштени прегледи има во градската општа болница ’8-ми септември’, во клиничката болница во тетово и на Клиниката за онкологија и радитерапија. 135 пациенти над 10 пати не дошле на закажаниот преглед“, велат од Министерството за здравство.

    Воведувањето на системот за електронско закажување на прегледи предизвика силни реакции во јавноста, бидејќи дел од пациентите се месеци не можеа да закажат термин поради ограничениот број на установи што даваат одредени здравствени услуги. Дел од пациентите беа задоволни, бидејќи имаат одредено тремин кај лекарот, без да чекаат со часови. На нефункциналноста на системот се жалеа и лекарите, кои сметаат дека 15 минути не се доволни да се направи квалитетн преглед, а дополнително оптоварување за нив се и пациентите кои се препраќаат со приоритетен упат.

    Лекарите покрај зголемување на времето за преглед, бараа да се направи и точна дефиниција за тоа како се препраќаат пациентите на клиниките, односно дали е итен случај и за таков пациент да се издаде итен упат, или пак е пациент со приоритетен упат, кој важи седум дена. Тие ова го бараа со образложение дека се случува во текот на денот да прегледаат повеќе пациенти со приоритетен упат, отколку редовно закажани пациенти, а притоа голем дел од оние со приоритетен упат не се итни случаи.

    Издавањето пак на меѓуклинички упати за дополнителни испитувања, според лекарите треба да го направи самиот лекар зависно од специјалноста, а не пациентот да се враќа кај матичниот лекар.

    Министерот за здравство Арбен Таравари, кој во моментов е еден од двајцата кандидати за градоначалник на Гостивар во вториот круг од локалните избори, уште летово најави дека системот МојТермин ќе претрпи измени, бидејќи препораките од Светската здравствена организација се првичниот преглед кај специјалист да не биде пократок од 30 до 45 минути.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира