СТРАНСКИТЕ ЗБОРОВИ СЕ ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ВЕЛИ ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА, ДИРЕКТОРКА НА ИНСТИТУТОТ „КРСТЕ МИСИРКОВ“

    СТРАНСКИТЕ ЗБОРОВИ СЕ ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ВЕЛИ ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА, ДИРЕКТОРКА НА ИНСТИТУТОТ „КРСТЕ МИСИРКОВ“Според Јованова-Грујовска, самата мода на употреба на некои зборови може да биде минлива категорија, бидејќи секоја генерација си има свој жаргон, сленг. (Фото: МИА)

    На младите генерации мора да им се пренесе дека македонскиот јазик се зборува само овде, во независна Македонија и ќе постои сѐ додека ние го употребуваме, бидејќи најголем предизвик ни е употребата на странските зборови, рече директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, пред отворањето на 10. Отворени денови на Институтот.

    Јованова-Грујовска кажа дека иако веќе 80 години македонскиот јазик и македонистиката се проучуваат и се штитат во македонската држава како службен јазик на македонскиот народ и македонската држава, секогаш има предизвици.

    „Во овој момент најголем предизвик ни е употребата на странските зборови и желбата на младите, модата ќе речам, да зборуваат на еден од светските јазици. Тоа го гледаме дури и во меѓусебната комуникација. Исто така гледаме кога разговараат со родителите, иако зборуваат на македонски јазик, употребуваат премногу странска лексика. Додека е на лексичко ниво, ќе речеме дека може да биде минлива категорија, минлив процес, меѓутоа навлегувањето во рамките на граматичкиот систем е веќе голем проблем затоа што на тој начин се влијае на структурата на јазикот и затоа што ваквите промени сме виделе дека остануваат“, рече директорката.

    Според неа, самата мода на употреба на некои зборови може да биде минлива категорија, бидејќи секоја генерација си има свој жаргон.

    „Еве, на пример, жаргонот од мојата генерација денес е смешно да се слушне. Доколку така влегуваат во разговорниот јазик англиските зборови, немаме проблем. Францускиот јазик во 19. век бил јазик со престиж, ние сега го гледаме англискиот како јазик со престиж. Но, мора да има свест и меѓу новинарите, наставниците и родителите и да се пренесе на младите генерации дека македонскиот јазик се зборува само овде, во независна Македонија и ќе постои сѐ додека ние го употребуваме“, рече Јованова-Грујовска.

    Отворените денови на Институтот ќе траат до 14 ноември и ќе бидат одбележани 80 години од усвојувањето на македонската азбука и од објавувањето на првиот македонски правопис во македонската држава, 100 години од излегувањето на „Абецедарот“ и неколку годишнини од раѓања на македонски лингвисти: Трајко Стаматоски (100 години), Божидар Видоески (105), Зденка Рибарова (80) и Убавка Гајдова (60).

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира