Европскиот суд за човекови права во Стразбур во септември 2020 донесе пресуда со која ѝ се наложува на Република Северна Македонија да му исплати надомест за штета во висина од 3.000 евра на поранешниот колумнист во „Утрински весник“ Никола Гелевски.
Пресудата од Стразбур е поради повредено право на слобода на изразување на Гелевски. Ова уставно загарантирано право на Гелевски му го повредиле првостепениот, Апелациониот суд, но и Уставниот суд, бидејќи и таму поднел претставка против пресудите против него, а по тужба за клевета од тогашниот бизнисмен и новинар Драган Павловиќ-Латас.
Во 2009 година тогашниот главен уредник на телевизија „Сител“ и поранешен главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ – Драган Павловиќ-Латас, покренал судски процес против Никола Гелевски поради неговиот текст, „Мегафоните од фиреровиот сокак“, објавен на 31 март 2009 година во „Утрински весник“. Павловиќ тогаш сметал дека Гелевски ги повредил неговите чувства и го тужел.
Судскиот процес траел околу една година, а Павловиќ, пред македонските судови, во време на Груевски, ја добил приватната тужба за навреда и клевета против некогашниот колумнистот Гелевски.
САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Гелевски кои се судиите кои го осудиле првостепено, а потоа и во втор степен, во Апелација.
„Не се сеќевам кој беа судиите-кривичари, јас и не ги познавам, ниту ми требаше да ги знам. Знам само дека на судењето Павловиќ беше дрзок, ѝ се закануваше на судијката во судница“, вели Гелевски.
Тогаш многумина граѓани, интелектуалци и политичари го тужеа Павловиќ за навреда и клевета, но ниеден судски курир не можеше да го пронајде и да му врачи судска покана.
Откако пресудата против Гелевски ја потврдија Апелациониот и Уставниот суд, Гелевски поднел тужба до Судот за човекови права во Стразбур, кој пресуди во негова корист.
Во образложението на пресудата се наведува дека „Владата признала оти имало мешање во слободата на изразување на жалителот“. Во овој процес пред ЕСЧП, аргументите на застапниците на државата биле дека мешањето било законско и служело на легитимна цел, односно заштита на угледот на другите, и барале Судот да не ги прифати како доказ колумните на Гелевски. Но сепак, во образложението на пресудата на Судот за човекови права, меѓу другото, се вели „Судот забележува дека жалителот (Никола Гелевски) бил редовен колумнист во дневен весник. Затоа мешањето мора да се испита во контекст на суштинската улога на слободата на медиумите во обезбедувањето на правилно функционирање на демократското општество“.
Исто така, во врска со јазикот што го користел Гелевски, Судот повторува дека „на поединци, а особено на новинари, кои учествуваат во јавна дебата за прашање од општ интерес, им е дозволено да применат одреден степен на претерување или провокација“. На крај, Судот смета дека „кривичната пресуда изречена на Гелевски несомнено може да има застрашувачки ефект врз медиумите во политичката дебата за прашања од важност“.
Текстот на Гелевски беше реакција на тепањето на студентите кои протестираа против изградба на црква на скопскиот плоштад на 28 март 2009 година.
Правната поддршка за случаите на колумнистот Никола Гелевски пред македонските судови како и пред ЕСЧП беше обезбедена во рамки на потпрограмата Граѓани за Европска Македонија (ГЕМ) на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА