СТРУЈАТА ОД 1 ЈАНУАРИ ЌЕ ПОСКАПИ ЗА 2,59 ОТСТО ЗА ПРВИТЕ ДВА БЛОКА

    СТРУЈАТА ОД 1 ЈАНУАРИ ЌЕ ПОСКАПИ ЗА 2,59 ОТСТО ЗА ПРВИТЕ ДВА БЛОКАПодатоците на РКЕ покажуваат дека мнозинство од потрошувачите, односно 64%, се наоѓаат во првиот блок. - Марко Бислимовски (Фото: СДК.МК)

    Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) изврши корекција на предлог-одлуката за финалната цена на струјата доставена од универзалниот снабдувач „ЕВН Хоме“. Од 1 јануари 2026 година, наместо бараните високи проценти на поскапување, граѓаните ќе плаќаат струја по значително помали цени од првично предложените, велат од РКЕ.

    Наместо зголемувањето од 7,66% кое го бараше „ЕВН Хоме“, РКЕ одлучи во првиот блок цената да се коригира за 2,45%. Во вториот блок, поскапувањето ќе изнесува 2,87% (наместо предложените 8,54%). Во третиот блок, зголемувањето ќе биде 3,32% (наместо бараните 9,63%). Во четвртиот блок, цената ќе порасне за 3,84% (наместо предложените 11,86%).

    Кај евтината тарифа, корекцијата ќе биде 2,50%, иако снабдувачот бараше зголемување од 3,96%.

    „Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата кои користат електрична енергија во прв и втор блок ќе се зголемат за 2,59 %, додека оние кои што имаат потрошувачка и во трет блок сметката ќе се зголеми за 2,79%“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

    Од РКЕ додаваат дека иако „ЕВН Хоме“ го применил тарифниот систем, во предлогот не бил испочитуван клучниот принцип за урамнотежување на интересите на компаниите и потрошувачите. Целта на регулаторот, според соопштението, е да се заштитат граѓаните од ценовен шок.

    Податоците на комисијата покажуваат дека мнозинство од потрошувачите, односно 64%, се наоѓаат во првиот блок, додека речиси 21% влегуваат и во вториот блок на потрошувачка.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира