На обвинителна клупа во Основниот кривичен суд Скопје денеска седнаа полициските службеници Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков, сите од Кочани, во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025, при то загинаа 63 главно млади луѓѓе, а над 200 беа повредени.
Против нив обвинителката Ивана Трајчева од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог и постапката ќе се одвива по скратена постапка.
Во периодот од 07.10.2023 до 07.02.2024 година, полициските инспектори Богатинов и Лазаров не ги извршиле своите службени должности и не постапиле по анекс-планот за акциска контрола при изготвувањето на записниците за извршената контрола. При таа контрола, тие констатирале нарушување на јавниот ред и мир, но внеле погрешни податоци за фирмата и за одговорното лице на кабарето „Пулс“.
Темелков, пак, како командир на ПС Кочани, при одобрување барање за прекршочна постапка во два случаја во 2024 година, иако бил должен да ја провери целокупната документација, потпишал и поднел барање до Основниот суд Кочани против згаснатото правно лице „Класик ДМ Кочани“ и против Дејан Јованов, кој не бил одговорно лице на клубот „Пулс“.
Во „Пулс“ било констатирано нарушување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, а овие тројца обвинети намерно внесувале неточни податоци. Богатинов при контролата воопшто не побарал лиценца за работа на клубот.
Со неточните податоци, двајцата инспектори и командирот му овозможиле на „МММ Кафе“ непречено да работи, односно прибавиле имотна корист за „МММ Кафе ДООЕЛ“, за нејзината подружница „Пулс“ и за нејзиното вистинско одговорно лице Митко Стојанов.
Со ваквите дејствија, на обвинетите им се става на товар кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Следуваат одделни судења на уште две групи полициски службеници одговорни за коруптивното работење на дискотеката „Пулс“, што доведе до невидената катастрофа на 16 март минатата година.
Судењето продолжува на 18 март.
С. К. ДЕЛЕВСКА



