Судијката Лидија Петровска даде пауза од 10-тина минути на судењето за предметот „Транспортер“ за да се проветри судницата откако на еден од обвинетите му се слоши, бидејќи беше загушливо. Во судницата 1 во Кривичниот суд, каде што се одвива денешното рочиште, беа присутни сите 21 обвинет, вклучувајќи го и првообвинетиот, поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески.
На почетокот на рочиштето, адвокатите на обвинетите побараа и денешното точиште да се одложи оти сакаат тонски и визуелно да се снима судењето, а побараа и СЈО доказите да им ги достави во писмена форма.
Ова барање на одбраната, специјалниот обвинител Трајче Пеливанов побара од судијката да не го прифати, бидејќи, како што кажа, станува збор за одолговлекување на судскиот процес по секоја цена.
„На никого не му е ускратено правото да ги добие доказите во писмена форма, но досега никој од одбраната не го побара тоа од нас. Се наоаѓаат само разно разни причини да се одложи главната расправа“, кажа Пеливанов.
Талески и останатите обвинети се товарат за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ во врска со злоупотреба на 360.000 евра со превоз на ученици од општината.
А. АНТЕВСКА