СУДЕЊЕТО НА ТАЛЕСКИ СЕ РАЗВЛЕКУВА ПОРАДИ МУЗИЧКА ТУРНЕЈА ВО АВСТРАЛИЈА НА ЕДЕН ОД ОБВИНЕТИТЕ

    СУДЕЊЕТО НА ТАЛЕСКИ СЕ РАЗВЛЕКУВА ПОРАДИ МУЗИЧКА ТУРНЕЈА ВО АВСТРАЛИЈА НА ЕДЕН ОД ОБВИНЕТИТЕПоранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за предметот „Транспортер“, каде е првообвинет. (Фото: М. Златевска)

    Пак се одложи судскиот процес „Транспортер” во кој е обвинет битолскиот ексградоначалник Владимир Талевски за злоупотреби на 360.000 евра со превоз на ученици од општината. На денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 не дојде обвинетата Анита Ангеловска, која била на 7-дневно боледување. Минатиот пат не дојде друга обвинета, поради застој на патот Битола-Скопје.

    Поради тоа, судијката Лидија Петровска сугерираше да се одвои постапката и место за цела група 22 обвинети плус првообвинетиот Талески, да се водат посебни постапки за секој од нив. Таа рече дека предметот е обемен и постои опасност секогаш да фали по некој обвинет и судењето да се одлага во недоглед.

    Но, обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов, рече дека со оглед на тоа што обвинетите се соучесници, така би се искомплицирала постапката. Тој апелираше до обвинетите да комуницираат меѓу себе, да дојдат на следното рочиште сите, за да не прават бадијала трошоци од Битола до Скопје.

    Еден од обвинетите, Џими Мицевски од Битола, побара да има издвоена постапка против него, затоа што во јануари, за кога сака да го закаже Петровска следното рочиште, бил на турнеја во Австралија.
    „Не можам никако да ги одложам концертите. Договорени ми се пред една година. Ќе го зафркнам бендот со кој свирам. Закупивме сали во Австралија, потпишав договори. Ако не ги исполнам по моја вина, плаќам пенали во износ од 50 илјади долари”, рече Мицевски, кој свири во фолк групата Молика.

    Пеливанов не се согласува со издвојување на постапката на менаџерот на „Молика” и побара тој да си најде замена на турнејата и да се врати не само на 13 декември, за кога го закажа следното рочиште Петровска, туку и за тие во јануари што има намера да ги закаже последователно.

    На крајот, судијката и СЈО се согласија во јануари судењето да продолжи по 23-ти за да може обвинетиот Мицевски да свири и за Стара нова година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА
    

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира