Судиите од Основниот суд Скопје 1, кој во моментов нема ни претседател, а ни в.д. претседател вчера добиле соопштение дека во важност останува стариот Годишен распоред на судии, а не тој од 2017. Судијката Татјана Михајлова која го направи новиот распоред како в.д. претседател, на 7 март си поднесе оставка откако новиот распоред падна на Врховен суд.
На соопштението нема никаков потпис. Судиите од Кривичниот суд не знаат кој им го испратил. Службата за односи со јавност во Кривичниот суд, исто така, не знае кој им го испратил анонимното соопштение на сите судии. Оттаму велат: „Судот нема ни претседател, ни в.д. претседател, испратете прашање до Кабинетот на судот”.
Со новиот годишен распоред што не помина во Врховниот суд Михајлова се обиде да ги размести и прераспореди сите судии од одделот на претходна постапка, од кривичниот оддел за полнолетни и од одделот за организиран криминал, кои би можеле да имаат допир со предметите кои доаѓаат од Специјалното јавно обвинителство. Дваесеттина судии, таа од овие оддели главно ги премести во Судот за прекршоци во Градскиот парк, или во одделот кај што се судат предмети по стариот Закон за кривична постапка.
Дел од судиите поднесоа приговори и Врховниот суд им ги уважи.
Соопштението испратено на секој судија нема потпис, но затоа во последната реченица се наведува: „Горенаведеното е согласно консултацијата и препораките од Судскиот совет на РМ“.
Но, токму кога беше објавен Годишниот распоред за 2017 година, за кој долгогодишни судии од овој суд жестоко реагираа во јавноста што се прераспоредени без причина, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски рече дека Судскиот совет, а ни тој како претседател, немаат право да се мешаат во правењето годишни распореди за работата на судиите.
„Распоредот е во надлежност на претседателот на судот, во случајов на в.д. претседателката Татјана Михајлова“, рече тогаш Караџовски.
Ни Караџовски не беше достапен да го објасни мешањето во распоредот на судиите, кое е напишано во последната реченица на дистрибуираното соопштение.
Во соопштението без автор, судиите се известуваат дека се должни да постапуваат по предметите по стариот распоред, со оглед на тоа дека во електронскиот систем тие се уште се водат како нивни. Своите предмети продолжуваат да си ги судат дури и судиите кои не поднеле приговор за распоредот на Михајлова, пишува во известувањето.
Според известувањето, остануваат во важност и сите стари кривични совети, бидејќи со новиот распоред на Михајлова, кој не помина, таа направи промени од корен, ставајќи ги експретседателот Владимир Панчевски и заменик в.д. претседателот Дијана Груевска – Илиевска да доминират во нив.
Панчевски во поништениот распоред таа го назначи за судија во организиран криминал, а себеси за претседател на целиот оддел за организиран криминал, сосе одделот на претходна постапка.
С. К. ДЕЛЕВСКА