СУДИЈАТА СТАВРЕВ ЌЕ ГО КАЗНИ АДВОКАТОТ ДАНГОВ ОТИ УТРОВО ГО НАПУШТИ ОБВИНЕТИОТ САШО СРЦЕВ ПРЕД СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК 2“

    СУДИЈАТА СТАВРЕВ ЌЕ ГО КАЗНИ АДВОКАТОТ ДАНГОВ ОТИ УТРОВО ГО НАПУШТИ ОБВИНЕТИОТ САШО СРЦЕВ ПРЕД СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК 2“Од рочиштето на случајот „Титаник 2“ на СЈО на 6 јули годинава (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Сашо Срцев, поранешен член на ДИК, денеска остана без адвокат во случајот „Титаник 2“ на СЈО, поради што е дадена полчасовна пауза на ова судење, за да си најде нов. Судијата Огнен Ставрев најави казна за адвокатот Димитар Дангов, зашто денеска ги известил и судот и клиентот, непосредно пред да почне судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, дека не може да присуствува на “Титаник 2”. Дангов е бранител на обвинети за организираниот напад на Собранието, судење кое се одвива паралелно со ова.

    Во случајот „Титаник 2“, за злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинети се поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Елизабета Стефанова и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, кои без основ гласале да се поништи гласањето во првиот круг на локалните избори 2013 во Струмица, бидејќи Зоран Заев го победи Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето било по наредба на обвинетиот Сашо Мијалков, за што веќе беа пуштени на преслушување бомби. Во бомбите, се слуша како тогашниот  претседател на ДИК Борис Кондарко бара логика и причини за прегласувањето, но овие четири лица го надгласуваат.

    За злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинет е и Мендух Тачи, како тогашен лидер на ДПА, која им беше опозиција на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, но на повик на Мијалков, како што се чу во бомбите, веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими и му дава наредба да гласа за поништувањето на резултатите од гласањето во Струмица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира