Откако Апелациониот суд Скопје ја вратил на повторно судење пресудата против Драган Павловиќ-Латас и јутуберот Стефан Лазаров, кои во подкаст јавно исмејуваа сексуално злоставување на претепана девојка од младоста на новинарот Павловиќ, Основниот Кривичен суд Скопје во повтореното судење ги ослободи двајцата обвинети за ширење ксенофобија, без тоа да го бара повисокиот суд.
Пресудата е вратена само поради барањето судијката Дијана Груевска-Илиевска да прецизира за што ги осудила, бидејќи пресудата ѝ била противречна: од една страна навела дека обвинетите се виновни за ксенофобија, а во образложението навела дека немале умисла.
„Нема кривично дело омраза и ксенофобија без умисла! Такво нешто нема во Кривичниот законик“, вели Апелациониот суд Скопје.
Место да прецизира, судијката Груевска-Илиевска носи ослободителна пресуда за двајцата, иако Апелациониот суд Скопје не го бара тоа од неа.
Павловиќ-Латас и јутуберот Стефан Лазаров во чиј подкаст гостинот раскажуваше дека како 15-годишник тој и неколку другари злоставувале девојка која била претепана. Притоа, раскажувачот Павловиќ-Латас и Стефан Лазаров се смееја за насилството.
На 14 февруари 2023 година преку компјутерски систем, на јутуб каналот, Павловиќ-Латас и јутуберот Лазаров, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеа која промовира насилство против жените врз основа на пол, на начин што во аудио-видео (на подкастот на Лазаров), со наслов: „Зошто Латас ја оставил Цеца Ражнатовиќ сама на вечера…“ каде второобвинетиот се јавува во улога на водител на подкастот, а првообвинетиот Павловиќ-Латас во својство на гостин одговарајќи на прашањето за неговото прво сексуално искуство, изјавил: „Знаеш како, има еден, сега е во Босна, во Сараево. Татко му беше главен инспектор на Град Скопје, пазарен, имаше голема моќ зад татко му. Секој дуќан, секоја продавница, мора да клекне таму и сега сакаш-нејќеш, имаше „Ш“ едно клубче таму во Тафталиџе и ми текнуе едно време он не можеше да има однос со девојка ако не ја ишамара. Значи, тоа му е доминација, таков беше човекот, да не му го кажувам името…, на што Лазаров го прашува смеејќи се: ‘Прво ја шамара, па имаат секс и обратно’. Првообвинетиот одговара: „Прво ја шамара“, пои што двајцата се смејат, за потоа првообвинетиот Павловиѓ-Латас да продолжи:
„И сега сме собрани јас рецимо 14-15 години, овие постара генерација, седамнаес-дваес-дваесдветри и ми вика: ’Искочи надвор!’. Јас мислам некој ќутек ќе има, нешто ќе се тепаме. И он седи со една девојка во ‘фиќо’. На што Лазаров смеејќи се изјавува: ‘ишамарана’, по што Павловиќ-Латас продолжува: Џамовите замаглени целите, и ми вика: ‘Влегувај работи, и ја гледа. Мислам, сиротињава што да ти кажам, изгужвана во фиќото, тоа е 50 на 50 сантиметри, на што Лазаров се смее, а Латас продолжува:„Значи моеш да ја замислиш во која положба е. Влегуј – работи, и ме бутна унутра и сеа што да праам ја?“, на што Лазаров наведува: „Да работиш!“, по што и двајцата се смејат, а првообвинетиот наведува: „Покушаваш“.
Со тоа во јавноста, според обвинението, двајцата обвинетите промовирале идеја за полово насилство кон жените.
Всушност истата судијка Дијана Груевска – Илиевска која прво го осудила Драган Павловиќ-Латас на условна затворска казна од 6 месеци ако во рок од две години по правосилноста на пресудата стори ново кривично дело, а Стефан Лазаров на условна затворска казна од три месеци ако една година по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, сега ги ослободила.
Обвинителот Даниел Коцев сега вложил жалба против ослободителните пресуди од судијката Дијана која прво ги осуди двајцата. Тој е познат по тоа што пред околу две недели се спротивстави на претходно одредениот притвор за Артан Груби и кога се предаде по 14 месеци бегство од истрагата, побара за него куќен притвор, ослободувајќи го од притворскиот затвор во Шутка.
Апелациониот суд Скопје ја укинал пресудата и ја вратил на повторно судење во Кривичниот суд Скопје кај судијката Дијана Груевска-Илиевска, која мислењето на судии од Апелација што го решавале овој предмет, си зела слобода, без таква насока и упатство од нив, сама да одлучи дека во предметот нема кривично дело и да ги ослободи обвинетите кои јавно исмејуваа сексуално злоставување на претепана девојка – раскажана ситуација од обвинетиот Драган Павловиќ-Латас, кој во подкастот на Лазаров рече дека злоставувањето го вршел како 15-годишник, заедно со свои врсници.
Спорниот подкаст беше снимен односно емитуван на 14 февруари 2023 година. Првично двајцата добија осудителна пресуда во Кривичниот суд Скопје, но по поднесените жалби, судии од граѓанскиот оддел на Апелациониот суд Скопје ја укинаа пресудата и ја вратија на повторно судење.
По подкастот на 14 февруари 2023 година, Секторот за компјутерски криминал од МВР веднаш достави известување до Скопското обвинителство, беше отворена истрага, а интервјуото симнато од Јутјуб.
Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутуберот Стефан Лазаров, за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
„Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан. По наредба на јавен обвинител, Секторот за компјутерски криминал при МВР го документираше и го обезбеди наведениот поткаст и целокупниот доказен материјал кој ги потврдува елементите на кривичното дело за кое е предвидена казна затвор од 1 до 5 години“, стои се уште во обвинителниот предлог, кој по вторпат оди пред Апелација.
Имаше и мерки за обезбедување присуство на обвинетите. Истиот овој суд сега што ги ослободи од обвинение, на Латас му го одзеде пасошот.
Граѓанските организации за заштита на човековите права остро го осудија интервјуто емитувано на јутјуб-каналот на Лазаров како поттикнување на кривичното дело Родово базирано насилство и ги повикаа компаниите што се рекламираат во подкастот на Лазаров да ги повлечат рекламите поради содржините во кои се одобрува и се повикува на насилство.
„Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно испраќаат порака до огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирањето на културата на насилство и до каде може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците. Таа култура им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и се слават како ‘вистински мажи’ и победници. Истата таа култура ги осудува жртвите, испраќајќи им јасна порака дека системите за поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да ѝ се стави крај, јасно и гласно. Јавната осуда е единственото оружје со кое располагаме, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, реагираа од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
По повод интервјуто, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудија говорот со кој се поттикнува насилство и се стимулира родова дискриминација.
С. К. ДЕЛЕВСКА



