Освен затворската казна од 7 години во предметот „Плацеви на Водно“, судот денеска му го конфискуваше целиот имот на поранешниот премиер Никола Груевски, сега азилант во Унгарија.
Освен двата стана на мајка му, на Груевски веќе му беше замрзнат целиот имот. Судот одлучи да го конфискува имотот на еден од плацевите, кои „Лајв кеар“ на Ирина и Сергеј Самсоненко, го купиле, иако знаеле дека е стекнат со нелегални пари и е предмет на кривично дело. Се конфискуваат плацевите на место Шербетница на Водно, како и сите станови, освен тие на име на мајка му.
Обвинителката Лиле Стефанова е задоволна дека ова е најчистата конфискација во која, како што вели, ќе ѝ се вратат на државата средства и имот стекнати со кривични дела. Таа кажа дека пазарната вредност на конфискуваниот имот денеска според пресметките изнесува три милиони евра.
Станува збор за два стана – лепенки до становите на мајка му на Бихаќка, кои му беа замрзнати од претходно. Овој месец обвинителката Лиле Стефанова побара, а судот одлучи, да му бидат замрзнати и трите апартмана во Панорама Резиденс за кои ги трампал плацевите на Водно, а кои беа на име на Мето Стојчевски, зет за сестра на обвинетиот Орце Камчев, кој доби едногодишна затворска казна. Претходно на Груевски му беше замрзнат и не можеше да располага со плацот за викендица во Крушево, иако е на име на кумот Ристо Новачевски, а замрзнати беа и плацевите на Водно.
С. К. ДЕЛЕВСКА