СУДОТ ВО СОЛУН ОДБИ ДА ГО ЕКСТРАДИРА АЦО БОЦЕВСКИ-ЦИГАНОТ, ОСУДЕН ЗА УБИСТВО ОД 1997, СЛУЧАЈОТ БИЛ ЗАСТАРЕН

    СУДОТ ВО СОЛУН ОДБИ ДА ГО ЕКСТРАДИРА АЦО БОЦЕВСКИ-ЦИГАНОТ, ОСУДЕН ЗА УБИСТВО ОД 1997, СЛУЧАЈОТ БИЛ ЗАСТАРЕНСудот во Солун смета дека бидејќи пресудата е донесена пред повеќе од 20 години, според грчкото кривично право настапила застареност на извршувањето на казната. (Фото: МВР)

    Солунскиот суд одлучи да не го екстрадира 60-годишниот македонски државјанин Ацо Боцевски-Циганот, кој беше уапсен во Катерини кон крајот на мај по распишана европска потерница за убиство извршено пред 28 години, јави дописничката на МИА од Атина. Судот го отфрли барањето на македонските власти поради застареност на случајот и му ја укина мерката притвор.

    Убиството за кое се бараше екстрадиција се случи во ноември 1997 година во центарот на Скопје, а жртва беше 37-годишниот Сеат Ибраими. Тогаш, 60-годишникот намерно предизвикал сообраќајна несреќа, а откако жртвата излегла од возилото за да ја провери штетата, тој пукал во него и го убил. За ова дело, тој беше осуден на 15 години затвор.

    Образложувајќи ја одлуката, судот во Солун наведе дека бидејќи пресудата е донесена пред повеќе од 20 години, според грчкото кривично право настапила застареност на извршувањето на казната.

    Пред судот, Боцевски изјавил дека во периодот кога се случило делото бил дел од личното обезбедување на тогашниот претседател Киро Глигоров и тврдел дека бил цел на политички прогон. Тој раскажал дека по убиството бил во притвор 90 дена, а откако бил пуштен на слобода, искористил важечки пасош за да побегне во Грција.

    Во изминатите децении тој живеел во соседната земја и во моментов води бизнис со изнајмување соби во областа Пиерија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира