СУДСКИОТ СОВЕТ ПОДЕЛЕН ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕТО НА ТРОЈЦА ЧЛЕНОВИ – ЕДНИ ВЕЛАТ ВЛАСТА ЌЕ ПИКА СВОИ ЛУЃЕ, ДРУГИ ПРАШУВААТ ДАЛИ ПИОМ ЌЕ ГО ПРЕТСТАВУВААТ ПЕНЗИОНИРАНИТЕ СУДИИ

    СУДСКИОТ СОВЕТ ПОДЕЛЕН ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕТО НА ТРОЈЦА ЧЛЕНОВИ – ЕДНИ ВЕЛАТ ВЛАСТА ЌЕ ПИКА СВОИ ЛУЃЕ, ДРУГИ ПРАШУВААТ ДАЛИ ПИОМ ЌЕ ГО ПРЕТСТАВУВААТ ПЕНЗИОНИРАНИТЕ СУДИИПретседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска за САКАМДАКАЖАМ вели дека на минатата седница само се донесени решенија за пензионирање на 40-тина судии, меѓу кои се моментално и двајца од Советот. - Од седница на Судскиот совет (Фото: К. Попов)

    На денешната седница Судскиот совет може да пензионира двајца членови меѓу колегите, а во август уште еден, иако во Законот не постои основ. Во четвртокот членовите на Советот се поделија на такви кои се повикуваат на Законот за Судски совет и тврдат дека овие колеги треба да си го истераат шестгодишниот мандат и на такви кои користат логика и сметаат дека со стекнување на услови за старосна пензија, а дошле од судовите и биле избрани од судиите, автоматски треба да им престане мандатот и тука.

    „Ако се избрани на непосредни избори на кои гласале нивните колеги судии, со стекнување на услови за старосна пензија како судии, тие нема кого повеќе да го претставуваат во Судскиот совет. Пензионирани се, ПИОМ (Фонд за пензинско и инвалидско осигурување, н.з.) ли ќе го застапуваат овде?“, велат тие со логиката.

    Другите членови на Судскиот совет, пак, кои се држат строго до Законот, велат дека членовите на Советот избрани од редот на судиите, и по пензијата немаат ограничување да си го истераат докрај мандатот во највисоката судска власт. Во неофицијален разговор, велат дека очигледно се цели на тоа власта да напика на нивно место свои членови од редот на судиите.

    Тие го цитираат законот дека на член на Советот му престанува мандатот:
    1) со истекот на времето за кое е избран;
    2) по негово барање;
    3) ако е разрешен од судиската функција согласно со закон;
    4) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата или друго кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци што го прави недостоен за вршење на функцијата член на Советот;
    5) ако на член на Советот му се утврди трајна неспособност за вршење на функцијата и
    6) ако е избран на друга јавна функција или професија.

    Потенцираат дека никаде Законот за Судски совет не вели со стекнувње услови за старосна пензија како судија, му се прекинува и тековниот мандат во Советот.

    Претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска за САКАМДАКАЖАМ вели дека на минатата седница само се донесени решенија за пензионирање на 40-тина судии, меѓу кои се моментално и двајца од Советот.

    „Судскиот совет не дава и не одзема мандати. Ние треба да дискутираме за решенијата за пензионирање на двајцата наши колеги ама како судии, и да одлучиме што со тие решенија понатаму во Советот. Лични ставови нема да кажувам, затоа што ние сме колективно тело, но ќе мора да одлучиме брзо“, рече Црвенковска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира