СУГАРЕСКИ ГО ПРОДОЛЖУВА ПРОЕКТОТ НА ЈАНАКИЕСКИ ЗА ЖИЧНИЦАТА НА ВОДНО

    СУГАРЕСКИ ГО ПРОДОЛЖУВА ПРОЕКТОТ НА ЈАНАКИЕСКИ ЗА ЖИЧНИЦАТА НА ВОДНОСпоред проектот кој е направен, втората фаза на жичницата ќе биде долга 1.600 метри, ќе има 27 кабини и ќе чини околу 7 милиони евра. - Жичницата од Средно Водно до Милениумски крст (Фото: М. Златевска)

    Министерството за транспорт и врски догодина ќе распише тендер за изградба на втората фаза на жичницата од детската болница Козле до Средно Водно.

    Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска најави дека следната година ќе почнат со постапка за изградба на жичницата, што всушност е продолжување на проектот на владата на Никола Груевски, од времето кога министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески. Груевски пред две години најави дека втората фаза ќе биде готова до крајот на 2017 година.

    „Следната година планираме да започнеме со постапка за изградба на жичарница од Средно Водно до Институтот за белодробни заболувања Козле. За овој проект од буџетот за 2018 година предвидовме 50 милиони денари. Со ова планираме да ја збогатиме туристичката понуда на градот“, рече денеска министерот Сугарески.

    Според проектот кој веќе е направен, втората фаза на жичницата ќе биде долга 1.600 метри, ќе има 27 кабини и ќе чини околу 7 милиони евра. На пресот, Сугарески не кажа дали ќе бидат нарачани и ВИП кабини, какви што има во жичницата од Средно Водно со Милениумскиот крст.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов пред две недели објави фотографии од ВИП кабините на жичницата, пишувајќи под сликата: „Не бил само мерцедесот. ВИП кабините на жичницата кои не се за општа употреба“.

    ВИП кабините на жичницата беа најавени уште од тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески пред почетокот на изградбата на првиот дел од жичницата. Тогаш беше најавено дека тие ќе се користат за странски високи гости, кои ќе доаѓаат во посета на земјава.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира