Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера апелираше Собранието да ги донесе измените на Законот за заштита на сведоци, но пратениците, дури ни оние од опозицијата не сторилe ништо да се донесат овие измени. Таа иницијативата до Собранието ја поднесе на 1 април, неколку дена пред аболицијата за 56 политичари и нивни соработници што ја прогласи претседателот Иванов за осомничени или под истрага на Специјалното јавно обвинителство. Од тогаш до сега Јанева неколку пати апелира да се донесат измените, за да може докрај автономно да ги води истрагите.
„Апелирам Собранието да ги донесе измените на Законот за заштита на сведоци кои ги поднесов јас како Специјален јавен обвинител, за да влезе ова јавно обвинителство во сржта на предметите за Мартин Нешковски, Монструм и Сопот“, рече специјалната обвинителка Катица Јанева на презентацијата на вториот 6-месечен извештај на СЈО.
Но, додека СЈО чека Владата или барем некој од пратениците или пратеничките групи во Собранието да ја преточи во законска измена нејзината иницијатива за измена на Законот за заштита на сведоците, време снемува. Собранието се распушта на 11 октомври. Сведоците на СЈО остануваат незаштитени.
Во отсуство на законска можност лично специјалната обвинителка да одлучува кој сведок во која постапка треба да биде ставен во програмата за заштита, СЈО, како што беше објаснето на вчерашната прес-конференција, применува т.н. процесна заштита, за оние сведоци кои ќе се согласат на тоа. Процесна заштита значи дека на таквиот „заштитен“ сведок, покрај обвинителот од СЈО, само Судот му го знае идентитетот и тој не се појавува повеќе во судската постапка.