Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не присуствува на денешното отворање на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз поради дефект на владиниот авион, соопштија од нејзиниот кабинет.
„Во врска со информациите на дел од медиумите дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова учествува на церемонијата на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз, Кабинетот на претседателката информира дека таа не замина во Франција. Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го информираше Кабинетот на претседателот на Франција, Емануел Макрон дека не е во можност да патува поради дефектот на владиниот авион со кој беше планирано да се патува во Париз“, велат од претседателскиот кабинет.
На настанот во Париз денеска присуствуваат светските лидери, вклучувајќи го и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Минатиот месец, од претседателскиот кабинет кажаа дека Сиљановска-Давкова добила покана од францускиот претседател Емануел Макрон да присуствува на отворањето на Нотр Дам, и дека свечениот настан ќе биде искористен за билатерални средби со дел од лидерите присутни таму. Оттаму рекоа дека се прават напори да биде организирана средба и со домаќинот Макрон.
Париската катедрала од 12. век свечено се отвора пет години по катастрофалниот пожар.
Сиљановска-Давкова не присуствуваше и на отворањето на Олимпијадата во Париз во јули, иако беше поканета. Тогаш, од нејзиниот кабинет рекоа дека претседателката не присуствува од принципиелни причини, сакајќи симболично да укаже на тоа дека државните пари треба да се трошат за поприоритетни цели.