СО ТАКСИ ГИ НОСАТ ДЕВОЈЧИЊАТА НА ВЕРСКА ПОУКА ВО НЕЛЕГАЛНИ УЧИЛИШТА

    СО ТАКСИ ГИ НОСАТ ДЕВОЈЧИЊАТА НА ВЕРСКА ПОУКА ВО НЕЛЕГАЛНИ УЧИЛИШТАНа сликите и видеата кои претходно биле објавени на фејсбук профилот на едно од верските училиште, профил што сега веќе не е активен, може да се види како децата редовно се занимаваат со активности на исламската вера, и покрај тоа што се на многу млада возраст. На една од сликите се прикажани околу 20 мали деца како учат да се молат според исламската вера. Меѓу нив и многу мали девојчиња покриени според религиските правила.

    Од Министерството за труд и социјала за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека во петокот по анонимна дојава на граѓани на терен излегле инспекторки од Одделението за инспекциски надзор за заштита на деца и од Трудовата инспекција и пронашле едно нелегално верско училиште во општина Чаир.

    Граѓаните пријавиле дека наместо да одат во основно училиште, некои родители женските деца ги испраќаат во верски училишта кои немаат дозвола за работа. Инспекцијата не утврдила дали девојчињата се испишани од училиштата затоа што е летен распуст и поради тоа треба се вклучи министерството за образование и просветниот инспекторат.

    При инспекцијата било утврдено дека наставата се одвива секој работен ден од 11 до 16 часот.

    Во два објекта во Чаир за кои граѓани посочиле дека се нелегални верски училишта инспекторките не пронашле никого, а во една куќа затекнале дваесет девојчиња од 6 до 11-годишна возраст со наставничката што им одржувала верска настава. Станува збор за импровизирана училница во која и децата и наставничката им кажале дека се учи исламска вероисповест. И меѓу книгите кои биле најдени, освен Коранот имало и учебни помагала поврзани со обредите за исламската религија.

    Сопственикот на училиштето, според тврдењето на наставничката бил турски државјанин. Бидејќи во моментот на инспекцијата тој не бил во куќата, инспекторот за труд оставил опомена во понеделник да се појави во инспекторатот за да донесе документи за дозвола за вршење дејност.
    Дознаваме дека истиот турски државјанин кој има регистрирано хуманитарна организација низ Скопје има отворено повеќе вакви училишта.

    Училиштето кое било предмет на инспекција имало и своја фејсбук страница на кое се рекламирало. По посетата на инспекторките, фејсбук профилот е затворен.
    Министерството за труд и социјална политика има сознанија дека покрај овие нелегални училници во Чаир, слични одделенија за верско учење има и во други општини, па затоа најавува зајакнати инспекции.

    Сличен случај имаше и минатата година во Охрид, каде што исто така граѓани анонимно дојавија нелегално верско училиште за христијанска вероисповест каде што пред голем верски празник децата биле облечени како попови.
    За наодите на инспекцијата е информирано и Министерството за внатрешни работи, а од Министерството за труд и социјална политика најавуваат дека од понеделник ќе следува и координација со Министерството за образование.

    Според Законот за основно образование, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на родителот, односно старателот ако не му овозможи на своето дете да ја исполни обврската за задолжително основно образование и воспитание.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира