Битолскиот градоначалник Владимир Талески доби уште еден месец притвор како првоосомничен за случајот „Транспортер“ на СЈО. Денеска, Апелационен суд Скопје го потврди решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал за осомничениот Талески и ја одби неговата жалба против мерката куќен притвор.
На интернет страницата на Основен суд Скопје 1 објавено е дека Кривичниот совет донесе и решение со кое мерката куќен притвор против Талески се продолжува за 30 дена.
Ова ќе биде трет месец кој Талески ќе треба да го помине во куќен притвор. Тој е осомничен за злоупотреби со школскиот превоз, заедно со секретарот на општина Битола, директори на училишта и превозници.