Министерство за здравство писмено ги известило сите јавни здравствени установи дека треба да побараат стручно мислење од министерството за сите јавни набавки, кои што досега не се почнати, а се предвидени со годишниот план. Од Министерство за здравство велат дека вакво упатство доставиле до болниците и клиниките за да имаат увид во трошоците и да не се прават нерационални трошоци.
„Ова не се однесува на набавките кои што се неопходни за нормално функционирање на болниците, како што е набавката на лекови или потребни материјали за работа. Ова се однесува на набавки од типот опремување на кабинети или патувања на конгреси и слични трошоци”, велат од Министерството за здравство.
Министерот Арбен Таравари вели дека целта на оваа одлука е да се спречи нерационално трошење на пари, туку тие да се употребат за подобар третман на пациентите.