„Ова се вашите последни денови како директор на Фондот за здравствено осигурување“, му порача министерот за здравство Арбен Таравари на директорот на Фондот за здравство Сашо Стефановски. Оваа реакција од министерот уследи по изјавата на Стефановски дека Таравaри лажел кога за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавил дека директорот на ФЗОМ не оди на работа и дека ги игнорира телефонските повици од Министерството за здравство.
„И самите сте свесни дека ова се вашите последни денови како директор на Фондот и место да се фокусирате на мое дискредитирање, ви советувам да се насочите на нешто поконструктивно. Отсега натаму вашите критики упатувајте ги од опозиција, каде што се наоѓа вашата партија“, вели Таравари во писмениот одговор до Стефановски.
„Лично преферирам состанок, кој за жал не успеавме да го релизираме поради вашето одбивање на моите повици и незаинтересираност за промените, кои се повеќе од потребни во нашето здравство“, вели Таравари во писмениот одговор до Стефановски.
Стафановски претходно испрати писмена изјава до Таравари во која вели: „Таравари, тука сум! Не дефокусирај, фати се за работа! Непотребни се вакви непримерни и невистинити изјави. Добро е што по месец и пол од вашето назначување за министер се сетивте дека постои Фондот за здравствено осигурување. И ние сè уште ја чекаме вашата прва официјална покана да оствариме работна средба со вас“.
Тој вели дека ФЗОМ изминатите години прераснал во институција која е отворена за сите граѓани и дека сите важни одлуки на ФЗОМ ги носи Управниот одбор, а министерот дава согласност.
„Ако е точно тоа што го прочитавме во одредени медиуми дека со одлука на Влада се разрешени сите членови на Управниот одбор на ФЗОМ, ве прашуваме кој ќе ја сноси одговорноста, бидејќи Управниот одбор е орган надлежен за одлучување во втор степен по жалби за лекување во странство, со што директно го загрозувате здравјето на граѓаните“, вели Стефановски.
Министерот Таравари вели дека до вторник ќе биде назначен нов Управен одбор и дека нема да има застој во делот по одлучување по жалби за лекување во странство.