ТАВ НЕ КОМЕНТИРА ДАЛИ ВЛАДИНИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ВИЗЕР ГИ ИЗБРКАА АЛИТАЛИЈА И ЧЕХ ЕРЛАЈНС

    ТАВ НЕ КОМЕНТИРА ДАЛИ ВЛАДИНИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ВИЗЕР ГИ ИЗБРКАА АЛИТАЛИЈА И ЧЕХ ЕРЛАЈНС

    ТАВ Македонија, концесионер кој управува со аеродромите во Скопје и Охрид не коментира дали заминувањето на „Алиталија“, „Чех ерлајнс“  и „Свис“ од Скопје  е последица на поволните услови што нискобуџетниот превозник „Визер“ ги ужива на аеродромите Македонија поради субвенциите што Владата ги дава од државниот буџет за приватниот унгарски превозник.

    „Не можеме да ги коментираме одлуките на авиокомпаниите“, изјавија од ТАВ за САКАМДАКАЖАМ.МК по објавањето на веста дека во зимскиот ред на летање се укинуваат редовните линии за Рим, Прага и Женева.

    На прашањето дали поради оваа политика на субвенционирање имаат најави и од други оператори дека ќе го напуштат Скопскиот аеродром, од ТАВ велат дека „до овој момент немаме добиено најава за некои други откажувања“.

    Прашањето за субвенциите во авиобизнисот уште во мај го отвори претставник на австриската авиокомпанија „Остриан ерлајнс“, дел од групацијата Луфтханза, кој ја обвини македонската влада дека поттикнува нелојална конкуренција во авиосообраќајот.

    ЕУ ПОЧНАЛА ИСТРАГА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ВИЗЕР

    „Воопшто не сме среќни поради тоа. Ние ја охрабруваме конкуренцијата секаде, таа е добра за пазарот. Но проблем е кога нискотарифните компании добиваат субвенции од Владата што создава нелојална конкуренција“, изјави тогаш Александер Толвет, регионален менаџер на австрискиот авиопревозник, како реакција на отворената линија Скопје – Братислава на „Визер“.

    Од Европската комисија за транспорт и комуникации тогаш изјавија: „Европската Комисија има сознанија дека постои загриженост во врска со шемата на финансиски субвенции што македонската Влада ги дава од 2012 година на домашни и на странски авиокомпании кои сакаат да летаат од аеродромот „Александар Велики“, што може да ја наруши конкуренцијата меѓу аеродромите во регионот, а индиректно и меѓу засегнатите авиокомпании“

    Извор од Европската унија со кој контактираше САКАМДАКАЖАМ по најновите откажувања на линиите на редовните превозници од земји на ЕУ изјави дека „Комисијата за транспорт и врски неодамна доби дополнителни информации од македонските власти. Сега сме во процес на разгледување на случајот и се уште немаме донесено решение.“

    „Визер“ на Скопскиот аеродром има база со три авиони. Со субвенциите од државниот буџет  и со погодностите што оваа приватна компанија на Скопскиот аеродром ги ужива во однос на другите авио оператори, таа практично има третман на национален превозник, ама под унгарско знаме, обвинуваат претставниците на редовните авикомпании кои за Скопје летаат практично уште од првите денови на независноста.

    Со откажувањето на „Алиталија“, Скопје останува поврзано со Италија преку нискобуџетната унгарска компанија „Визер“ со летови до Бергамо, близу Милано и Тревизо близу Венеција.

    Се проценува дека близу 80.000 македонски граѓани живеат во Италија. Ова ќе му овозможи на нискобуџетниот „Визер“ да отвори линија и до Рим, но не до главниот аеродром Фјумичино каде што летаат редовните компании, туку до Чампино каде што летаат главно нискобуџетни и чартер превозници.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша ТАВ и дали по заминувањето на традиционалните авикомпании нивната стратегијата е Скопје и Охрид да ги претвори во хабови само за нискотарифните авиокомпании на што тие одговорија дека нивна стратегија отсекогаш била диверзификација, што значи на патниците да им се понудат и нискобуџетни и регуларни превозници.

    „Така ќе продолжиме и во иднина. Токму поради ваквата стратегија различни авиокомпании пројавуваат многу голем интерес за Македонија“, велат од ТАВ и сооптија дека неодамна нивниот маркетинг тим бил на Светскиот саем за туризам во Лондон и имал разговори со неколку авиокомпании кои се заинтересирани за двата аеродрома во Скопје и во Охрид.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира