Секое трето девојче на 15 години во Македонија (31 отсто) изјавува дека е осамено, a секое второ девојче на истата возраст вели дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден во текот на две или повеќе недели, што прекинала да ги прави вообичаените активности, стои во анализата на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа. Чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле 57 отсто од девојчињата на 15 години, а од психосоматски тегоби истовремено повеќепати неделно во последните шест месеци како болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години.
Анализата беше објавена во чест на 10 октомври, Светскиот ден на менталното здравје, како дел од студијата „Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст (ХБСЦ)“. Студијата покажува широко распространет пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња во Европа и Централна Азија.
Според податоците, и во Македонија со возраста расте преваленцијата на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, и тоа на повеќе индикатори на менталното здравје, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.
Исто така, и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата. Трендот во последните осум години, низ три истражувачки циклуси од 2014 до 2022, ја покажува истата насока на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 , токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и услови во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата.
Анализирајќи ги податоците од Студијата ХБСЦ од 2021/22 година, вклучувајќи увиди од 280.000 млади луѓе од 44 држави, стануваат видливи комплексностите на менталното здравје кај младата популација во Македонија. Во Европа, 28 отсто од 15-годишничките известуваат чувства на осаменост.
„Овие бројки не се само бројки. Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови. За Северна Македонија ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да делуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка“, вели Лина Ќостарова-Унковска, водечки истражувач на студијата за Македонија.
Според Ана Попризова, училиштен психолог во скопската гимназија Орце Николов и претседателка на активот на стручни соработници на Град Скопје, овие сериозни наоди како и изјавите на децата го адресираат училиштето како агенс на промена.
„Да ги направиме училиштата места каде учениците ќе се чувствуваат безбедно и задоволно. Да ги поддржиме учениците тие да бидат изворот на промените во училиштата преку користење на своите потенцијали, креативност и лидерство. Искусувањето на процесите на партиципација низ лично доживување е основа на менталното здравје и добросостојба“, апелира Попризова .
Во истражувањето се објавени и изјавите на средношколците Алтина и Дарија, кои велат дека им е важно да бидат сфатени од родителите, и да бидат земени предвид нивните чувства и потреби во врска со училиштето и секојдневниот живот.
„Сакаме да имаме доверба во нив и отворена комуникација за да не се чувствуваме осамени, туку поврзани. Би сакале да имаме модерна и интересна настава која ќе нѐ мотивира на успех и ќе го направи училиштето место во кое ќе сакаме да одиме, во кое ќе бидеме вклучени и нашето мислење ќе биде земено предвид. Нашата порака до политичарите е да обезбедат заштита за сите деца и закони со кои ќе се подобри нашето образование“, велат тие.
На 10 октомври, беа објавени и резултатите од истражуавањата на Клиниката за психијатрија според кои, кај една третина од адолесцентите и кај една третина од бремените жени во земјава се јавуваат депресивност и анксиозност.
„Последните податоци покажуваат дека депресијата станува една од главните растројства кои го инвалидизираат човекот, не само кај нас, туку и во светот. Не заостануваме и ние, тука би ги издвоила ранливите групи како деца, адослесценти, бремени жени и повозрасни индивидуи кои имаат некакви нарушувања, телесни или ментални. Бројките од истражаувања беа загрижувачки“, рече д-р Славица Арсова, професорка на Катедрата за психијатрија на Медицинскиот факултет, на одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје.
Д-р Стефанија Митровска од Клиниката за психијатрија додаде дека една третина од мајките во Македонија за време на бременоста и по породувањето страдаат од симптоми на депресија, додека кај 28 проценти од нив се регистрира анксиозност. Истражувањето на Клиниката е направено после ковид пандемијата.
Б. НЕСТОРОСКА