Во Специјалното јавно обвинителство очекуваат дека од УБК наскоро ќе ги добијат потребните докази од кои може да се открие дали во оваа институција имало незаконско прислушување во периодот од 2008 до 2015 година, откако двајцата администратори на системот се вратиле од службен пат и вечерва се појавиле на работа.
Во меѓувреме и во компанијата што е производител на прислушната опрема „Ериксон“ е покрената внатрешна процедура, па се очекува во Скопје да допатува и тамошен експерт со поголеми овластувања кој ќе му помогне на УБК до крај да ја испочитува судската наредба.
СЈО вчера влезе во просториите на тајната полиција за да ги преземе сите посебни истражни мерки, документацијата за тие мерки и сите имиџи и разговори кои се снимени. Но, тимот обвинители и истражители на ова обвинителство се соочи со опструкции од вработените во УБК, како и од директорот на Бирото за јавна бебедност Митко Чавков.
Со обезбедувањето на лицата кои се одговорни за техничко функционирање на компјутерскиот систем УБК почна да ја спроведува и судската наредба што се однесуваше на прислушната опрема.
Екипи на СЈО и вечерва дежураат во просториите на УБК каде што е присутна и комисијата на МВР, а техничките лица треба да ги обезбедат доказите што беа побарани со судските налози.
Специјалната обвинителка Катица Јанева најави дека тие ќе останат таму се додека не ги обезбедат материјалите што им се потребни во истрагата дали се прислушувало во УБК или во странски служби.