ТЕЛЕФОНСКИТЕ ОПЕРАТОРИ ПРИБИРААТ ПОДАТОЦИ ОД НАШИТЕ КОМУНИКАЦИИ, ГИ ЧУВААТ 12 МЕСЕЦИ И НА ТРАЈНО КОРИСТЕЊЕ ИМ ГИ ДАВААТ НА УБК И НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО, УСТАВНИОТ СУД ПОВЕДЕ ПОСТАПКА

    ТЕЛЕФОНСКИТЕ ОПЕРАТОРИ ПРИБИРААТ ПОДАТОЦИ ОД НАШИТЕ КОМУНИКАЦИИ, ГИ ЧУВААТ 12 МЕСЕЦИ И НА ТРАЈНО КОРИСТЕЊЕ ИМ ГИ ДАВААТ НА УБК И НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО, УСТАВНИОТ СУД ПОВЕДЕ ПОСТАПКА„Ние ќе го известиме Собранието и ако за 6 месеци не се направат законските измени, тие одредби ќе ги укинеме, но нема сносиме одговорност ако се случи нешто“, кажа претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски на денешниот брифинг. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд се сомнева во масовно  прекршување на приватноста на граѓаните со неконтролираното поседување на нивните лични податоци од телекмуникациските оператори. Поради тоа, денеска поведе постапка за оценка на уставноста на четири членови од Законот за електронски комуникации, оспорени од невладините организации за човекови права уште во 2017 година.

    Кој кому се јавил, од која локација се јавил, колку пати, каква содржина пребарувал на Интернет, од кого добил и кому праќал е-пошта, од кои ај-пи адреси била комуникацијата, колку пати некој комуницирал на вибер и на вотсап, колку пораки си праќале… се мета-податоци кои операторите ги собираат за секој од граѓаните без судска наредба и кои ги чуваат 12 месеци кај себе.

    Со овие податоци се прави мапирање на секој од нас, се прави профил, се дава слика за нашата социјална сфера.

    Тие не само што прибираат и чуваат вакви податоци за секого од нас, туку и на барање на МВР, Обвинителство и други институции, имаат обврска да им ги дадат. Уште поголем проблем е што тие органи, на пример УБК, немаат потоа рокови колку смеат да ги чуваат незаконски собраните лични податоци. Не постојат рокови во Законот за електронски комуникации за колку време треба да ги уништат, што за уставните судии беше уште една причина денеска да одлучат за покренување постапка против одредби од овој Закон.

    Судијката-известител Тања Васиќ-Бозаџиева кажа дека Уставниот суд ќе го извести Собранието дека му се дава рок од 6 месеци да ги дорегулира овие прашања. Таа кажа дека многу држави преку мета-податоците успеале да спречат тероризам и затоа Уставниот суд не сака државата да ја остави без оваа алатка, но предупреди дека Уставот не дозволува вакво самоволие за собирање и располагање со личните податоци на граѓаните и дека тоа треба најитно да го регулира.

    „Мора целта на собирањето на податоците од страна на операторите да се дефинира. Во Уставот пишува кога се дозволува такво нешто. Без одлука на суд, не може ова да го прават. Треба да се специфицираат кривичните дела за кои може да се собираат податоци преку телефонските оператори и не може за сите претплатници да се собираат. Ваква заштита во оспорените членови ние судиите не видовме, затоа поведовме постапка“, кажа известителката на предметот.

    На денешниот брифинг со новинарите, и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски кажа дека мора законодавецот да пропише заштитни механизми за правото на приватност на луѓето.

    „Ние ќе го известиме Собранието и ако за 6 месеци не се направат законските измени, тие одредби ќе ги укинеме, но нема сносиме одговорност ако се случи нешто. Има демократски држави од кои изготвувачот на измените може да види како е регулирана оваа сфера“, рече претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски на денешниот брифинг со новинарите.

    На забелешка дека и Гугл и Фејсбук на пример ги чуваат лични податоци на луѓето, судиите одговорија дека тоа е со наша лична согласност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира