Британската премиерка Тереза Меј ќе ја нагласи безусловната поддршка на Обединетото кралство за зачувување на европската безбедност и потврдување на европските вредности за време на утрешната посета на Македонија, соопшти Кабинетот на британскиот премиер доцна вечерва.
Со доаѓањето во Македонија по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, Тереза Меј ќе биде првиот британски премиер кој стапнал на Западен Балкан уште од посетата на Тони Блер во 1999 година. Од нејзиниот кабинет најавија дека таа ќе има средби со премиерот Зоран Заев, како и со ЛГБТ активисти на Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија.
Меј ќе ја заврши посетата со говор на прием во Собранието, на кој што ќе присуствуваат политичари, функционери, воени лица и идни лидери.
Велика Британија ќе биде домаќин на Самитот на Западен Балкан на 10 јули во Лондон, чиј што фокус ќе биде на регионалната безбедносна соработка, зголемување на економската стабилност и поттикнување поголема политичка соработка. Тоа ќе биде петтиот годишен самит како дел од Берлинскиот процес, лансиран од германската канцеларка Ангела Меркел во 2014 година.