Беким Асани, претседател на здружението „ЛГБТ Јунајтед Тетово – Македонија“ е добитник на француско-германската награда за човекови права. Наградата на Асани, му ја врачија амбасадорите на Франција и на Германија во Македонија, Кристијан Тимоние и Томас Герберих.
Францускиот амбасадор Тимоние рече дека Асани се истакнува со своето дејствување во борбата против дискриминацијата.
„Тој уште во 2001 година работи на заштита на најобесправените групи. Се залага за почитување на правата на хомосексуалците, бисексуалците и транссексуалците во Македонија. Активен поддржувач и обединувач, тој е гласот и лицето на луѓето што се дискриминирани поради нивните различности“, рече францускиот амбасадор Тимоние, на врачувањето на наградата.
Германскиот амбасадор Томас Герберих рече дека Асани се залага за правата за малцинствата и и се бори против хомофобијата.
„Асани претрпел бројни закани, физичко насилство, дури и имаше обид да биде киднапиран“, рече амбасадорот Герберих.
Добитникот на наградата Беким Асани, се заблагодари што бил избран меѓу 15-те личности во светот кои биле наградени како борци за човековите права.
На доделувањето на наградата присуствуваше и премиерот Зоран Заев. Тој рече дека како Влада сè ќе направат секој човек да ги ужива сите права што му следуваат.
Француско-германската награда за човекови права е воспоставена во 2015 година, и се доделува секоја година на личности ширум светот за нивната посветеност кон почитување и унапредувањето на човековите права.