Тоа што секој сака да ви го прикаже на социјалните медиуми во суштина не е вистинскиот живот, им кажа премиерот Христијан Мицкоски на студентите за време на обраќањето на првиот академски час на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.
Мицкоски им даде совет на студентите кој вели дека го научил низ сопственото искуство, велејќи дека не е точно оти некаде далеку е подобро и поинаку отколку дома. Тој рече оти знае дека младите ќе се соочат со предизвици и со луѓе кои ќе ги убедуваат дека е невозможно да се успее во сопствената земја, но додаде дека вистинскиот живот е токму борбата што ги чека, борбата за сопственото семејство и за родната земја.
„Знам дека ќе имате многу предизвици, знам дека ќе има и такви коишто ќе ве убедуваат дека тоа е невозможно, дека некаде тамо далеку од овде е подобро и дека тамо е сѐ поинаку отколку тука дома. Сакам да ви дадам еден совет којшто го имам научено во мојот живот – тоа не е точно. Тоа што секој сака да ви каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија“, рече Мицкоски.
Тој ги повика студентите никогаш да не го забораваат тоа и порано или подоцна, каде и да одат, да се вратат назад и да останат во земјата.



