Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во 2009 година бил член на комисија на Министерството за транспорт што го спровела јавното наддавање, при првиот обид да се најде инвеститор за гаража до Собранието, објави БИРН. Тогаш, планот бил да се гради подземна гаража, а за инвеститор била избрана фирмата „Макоил“, која потоа се откажала.
„Можно е да сум бил во комисијата, не знам, ако имате документи што го покажуваат тоа – веројатно сум бил“, вели Тошковски за БИРН.
Во 2013 година, планот е променет и на земјиштето до Собранието е предвидена катна гаража, а Министерството за транспорт и врски го продало земјиштето на фирмата „Анго“. Тошковски тогаш веќе не е во министерството.
„Анго“ го купи земјиштето за околу 330.000 евра, односно за 8,355 денари по квадрат, а со градба на катната гаража почна минатиот месец.
Како што објави БИРН, Тошковски бил адвокат на „Анго“, а има и блиски приватни релации со сопствениците на „Анго“, брачниот пар Трпковски, со кои и е сосед во зградата во Центар, каде што живее и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев.
„Дали семејството ми е блиско? Ви кажувам – да! Дали сум ги застапувал? Да! Дали, освен во тој предмет, сум ги застапувал и во други? Да! И поради тоа како министер се изземав од овој случај“, вели Тошковски за БИРН.
Премиерот Христијан Мицкоски на 5 септември кажа дека ќе се бара начин да се обесштети инвеститорот на катната гаража до Собранието за да не се гради, бидејќи ја загрозува безбедноста на овој државен објект. Тој додаде дека е воспоставена комуникација со инвеститорот и собранискиот спикер Африм Гаши ќе има средба со него на која што ќе се договара решение.
„Некој некогаш не бил разумен, се однесува незрело и направил нешто што ја загрозува безбедноста на Собранието. Инвеститорот ги има сите потребни документи за градба бидејќи пред 12 години му било продадено земјиштето. Но, ние сега како Влада без разлика што некој друг се однесувал незрело мора да го решиме проблемот, да најдеме начин да го обесштетиме инвеститорот, а земјиштето повторно да се врати на државата за да не се гради таму објектот”, рече тогаш Мицкоски.
- НЕРАЗУМНО И НЕЗРЕЛО СЕ ОДНЕСУВАЛ ТОЈ ШТО ПРЕД 12 ГОДИНИ ДАЛ ДОЗВОЛА ЗА КАТНАТА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО, КАЖА МИЦКОСКИ
- ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ КАТНАТА ГАРАЖА ЗАД СОБРАНИЕ ЗА КОЈА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЈА ПОНИШТИ ГРАДЕЖНАТА ДОЗВОЛА, НО УПРАВЕН СУД ЈА ПРИФАТИ ЖАЛБАТА НА ИНВЕСТИТОРОТ