И покрај итноста во изборот на фирма, трет месец по катастрофалната поплава на 6 август, Скопската обиколница е нечепната. Грпката на патот во правец кон Тетово и дупките на асфалтот сѐ уште се исти како што беа и неколку дена по поплавите, кога со еден слој асфалт привремено беа покриени за да може по нив да се движат возилата.
Возачите веќе навикнаа да ја избегнуваат северната обиколница на Скопје. Сите влегуваат во градот, па наутро речиси непроодни се главните сообраќајници од Автокоманда до Ѓорче Петров.
Од Јавното претпријатие за државни патишта не кажуваат зошто сѐ уште се чека да почне обновата на обиколницата, ниту пак кога е планирано да почнат градежните работи.
„Веќе е потпишан договор за реконструкција на Скопската обиколница во должина од 1.500 метри, делот што беше оштетен од поплавите на потег од клучка Арачиново до клучка Смилковци, вклучувајќи ги двете клучки. Градежните работи ќе ги изведува фирмата ‘Трансмет’. Согласно договорот, постојат рокови да се започне со реконструкцијата, а градежните работи ќе траат 4 месеци“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта, избегнувајќи да кажат кога, според договорот, треба да почне реконструкцијата.
Дел од 22-те жртви во поплавата на 6 август загинаа токму на обиколницата. На прашањето дали нашле ново, поинакво решение за одведување на атмосферските води од претпријатие велат:
„Сакаме да појасниме дека во самиот проект за изградба на Обиколницата е предвиден систем за прифаќање на отпадните води и тој веќе е изграден. За изградба на дополнителен систем или ново решение, ЈП за државни патишта нема законска надлежност“.
Од Јавното претпријатие за државни патишта нагласуваат дека нивни екипи, заедно со „Македонија пат“, веднаш по поплавата, излегле на терен и извршиле расчитување на оштетените делови и привремена санација на коловозот на обиколницата.
Скопската обиколница беше пуштена во употреба во 2009 година. Се градеше цели седум години, по проекти кои ги изработија „Прима инженеринг“ и „Балкан консалтинг“ со ревизија од Градежен факултет. Долга е 26,7 километри. Изградбата на обиколницата ја чинеше државата 135 милиони евра. Таа е дел од Коридорот 8, поврзувањето на Македонија со Бугарија и Албанија.