ТРЕБА ДА ПРЕСМЕТАМЕ ДАЛИ Е ПОЕДНОСТАВНО ДА ОТВОРИМЕ ЦЕНТАР ЗА ИЗГОРЕНИЦИ ИЛИ ДА ГИ ПРАЌАМЕ ПАЦИЕНТИТЕ ВО СОФИЈА И СОЛУН, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИ

    ТРЕБА ДА ПРЕСМЕТАМЕ ДАЛИ Е ПОЕДНОСТАВНО ДА ОТВОРИМЕ ЦЕНТАР ЗА ИЗГОРЕНИЦИ ИЛИ ДА ГИ ПРАЌАМЕ ПАЦИЕНТИТЕ ВО СОФИЈА И СОЛУН, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИ„Не велам дека не ни треба, но во 10 години имаме пет тешки случаи со изгореници што сме ги испратиле во странство и уште 10-тина што се третирани во Македонија“, кажа Клековски денеска во Владата. (Фото: К. Попов)

    Треба да направиме проценка дали ни е потребен Центар за изгореници во Македонија или е поедноставно да имаме договор за соработка со Пирогов во Софија или Папаниколау во Солун, рече денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски. Центарот за изгореници во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје не постои од 2016.  Овој центар беше единственото место во земјава каде во соодветни услови се третираа пациенти со тешки изгореници.

    На 16 март, во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица од кои три се малолетници.  Повредени се 178 лица, од кои 64 се во државните болници во Македонија, 13 се во приватните болници, а во моментов 101 пациент се лекува во странство.

    На новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата по состанокот на Кризниот штаб, Клековски рече дека ќе отворат Центар за изгореници ако стручната фела каже дека има потреба.

    „Хирург што редовно не работи со изгореници не е специјалист за тоа подрачје. Токму затоа, многу поголеми држави од нашата имаат еден или два центри за изгореници за да се сконцентрира знаењето. Не треба да имате само специјални кревети, туку и хирурзи кои го практикуваат тоа релативно често. Не велам дека не ни треба, но во 10 години имаме пет тешки случаи со изгореници што сме ги испратиле во странство и уште 10-тина што се третирани во Македонија. Треба да направиме проценка дали ни е потребен тој Центар тука или е поедноставно да имаме договор за соработка со Пирогов во Софија или Папаниколау во Солун. Не треба да имате само техника и кревети, туку и доктори кои тоа го работат секојдневно. Јас не сум надлежен да одговорам дали имаме доволно патологија, но ако стручната фела каже дека имаме потреба – тогаш да, но повторно ќе биде Центар за изгореници со четири легла“, рече Клековски.

    Директорот додаде дека со несреќи како оваа во Кочани никој не може да се справи сам, дури ни поголеми и поорганизирани држави од нашата и дека токму затоа постојат европски механизми за солидарност кои се активираат и ги распоредуваат повредените.

    Во Македонија, пациенти со изгореници се третираат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и на оддели во „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“.

    Центарот за изгореници во „Св. Наум Охридски“, болница позната како Стара Градска болница беше отворен во 2000 за третман на пациенти со тешки и длабоки изгореници за целата земја. Тој беше опремен со хируршка сала и специјални водени кревети и имаше посебен влез со што беше одвоен од другите пациенти и беа обезбедени соодветни стерилни услови. Центарот беше изграден со донација од владата на Јапонија. Центарот згасна кога почна реновирањето на Болницата.

    Но, и пред да почне реконструкцијата на болницата во 2016, на неколку наврати во претходните години имаше проблеми во функционирањето на Центарот, бидејќи специјалните водени кревети беа во дефект, па пациентите беа оставани на обични кревети, каде самиот допир со чаршавите им предизвикуваше дополнителна болка.

    Прим. д-р Добрила Андоновска, која е основач на Центарот за изгореници и одбранила јавен труд на ниво на магистерски труд на темата, вчера на Фејсбук објави текст со податоци и историјат за Центарот и кажа дека за период од петнаесет години и пет месеци таму се лекуваа 1.316 пациенти со екстензивни изгореници (према званична документација), просечно 84 пациенти годишно со екстензивни, живото-загрозувачки изгореници, голем број од нив со политраума. Дополнително, околу 20 – 30 пациенти годишно со друга тежина на изгореници кои се лекуваа на одделенијата за Пластична хирургија и за Детска хирургија, што значи дека во оваа болница се лекуваа нешто над 100 пациенти годишно, а под претпоставка дека се лекувале уште 20 во други установи, тоа се 120 пациенти годишно, на државно ниво.

    Таа вели дека ако се иземе актуелната ситуација каде бројни пријателски држави прифатија лекување на повредените (најбројни во Србија и Бугарија) треба да се напомене дека искуството покажало дека лекување на еден пациент со екстензивни изгореници во европска држава би го чинело Фондот минимум 150 – 250 илјади евра, а бидејќи сме социјална држава, секој пациент за чие лекување нема услови во македонското здравство има право да се лекува во друга држава на товар на Фондот.

    „Дали државата ќе ја чини помалку да формира современ Центар за изгореници или да испраќа пациенти на повеќемесечно лекување надвор?“, праша д-р Андоновска.

    Во објавата д-р Андоновска кажа дека првиот официјален Центар за изгореници е формиран со формирањето на Воената болница во Скопје, под раководство на Полковник д-р Крсте Митановски д-р сци.мед  према стратегијата на здравството на Јуословенската народна армија (ЈНА). Центарот е затворен за да се ослободи простор за приватната Кардиохирургија ,,Жан Митрев”. Вториот Центар за третман на изгореници е отворен во септември 2000 година во Градска општа болница – Хирургија, сегашна Клиника за хируршки болести ,,Св.Наум Охридски” во Скопје, а е ставен вон функција во јули 2016 година.

    Таа пишува дека бил опремен со најсовремена опрема од јапонската влада – Интензивна нега со два Клинитронови системи од француско потекло, какви што постоеле во регионов единствено во Пирогов – Софија (околу 40 – 50 на број). Овие компјутеризирани системи овозможуваа специјални микроклиматски услови: аерација, температура, влажност и пациентите лежеа како во бестежински простор на „кади“ исполнети со силиконски песок кој „врие“ поради проток на воздух.

    „Центарот располагаше со посебна операциона сала за изгореници каде шесте специјалисти по пластична хирургија, тимски со врвните анестезиолози, вршеа оперативни зафати и преврски во општа анестезија. Центарот беше опремен и со респиратор донација од Макстил. Освен интензивната нега постоеше и болничка соба со два кревети, што значи дека капацитетот беше за 4 пациенти со екстензивни изгореници, а со нивно подобрување се префрла, по потреба, на одделението за Пластика со 15 кревети.
    Беше формирана и Банка на амнионски мембрани (во соработка со Гинекологија – Чаир) по пример на Пирогов и други центри.
    Хируршките тимови ги изведуваа сите хируршки интервенции: рана тангенцијална екцизија, некректомии, фасциектомии, киретажи, ампутации, трансплантација на амнионска мембрана како биолошка преврска, трансплантација на кожа од самиот пациент или од донори (авто и хомотрансплантати), како и влажен третман со сребрени преврски, алгинати, хидрополимери и други препарати за современ третман на изгореници. Докторите се обучува во Пирогов, КЦ Љубљана, КБЦ Ребро – Загреб, Прага, Франкфурт, а во 2005 година после обука во Оксфорд се воведе и третман со сребрени преврски и други артефициелни преврски. Континуирано се надградуваа учествувајќи на бројни меѓународни симпозиуми и работилници. Пет медицински сестри, предводени од одделенската медицинска сестра Мирка Спасиќ, беа на едномесечна обука во Пирогов – Софија, како и еден пластичен хирург и анестезиолог“, вели д-р Андоновска.

    Таа вели дека најтешките, интубирани пациенти првите години се третираа во Интензивната во Центарот, но понатаму беа третирани во централната болничка Интензивна за да бидат под будно око и третман на врвните анестезиолози и реаниматолози. Во интензивната се вршеше и хемофилтрација на одреден број на пациенти со екстензивни изгореници. Се работеше тимски со специјалистите од сите дијагностички, хируршки и интернистички гранки, а особено со детските хирурзи.

    „Во Центарот се лекуваа и страни државјани како приватни пациенти и имаше тенденција да прерасне во регионален Центар. Секвелите од изгорениците како лузни, контактури и други деформитети се решаваа во истата установа. Треба да се напомене дека огромен беше бројот на пациенти со изгореници кои се третираа и во амбулантно – поликлинички услови. Значајно е да се нагласи дека лекувањето на тешките изгореници е повеќемесечно и ‘скапо’ го чини Фондот, но ништо не е поскапо од човечкиот живот“, вели д-р Андоновска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира