Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топло време поради најавите од Управата за хидрометеоролошки работи дека денес и наредните два дена целата земја ќе ја зафати топлотен бран од жолта алертна фаза.
Министерството за здравство согласно препораките за заштита од топлотни бранови препорачуваат да се внесуваат зголемени количини на течности, најдобро обична вода за пиење и да се избегнуваат алкохолни пијалоци.
„Апелираме граѓаните да се заштитат од директна сончева изложеност, и да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Да носат светла и лесна облека, бидејќи светлите бои ја рефлектираат светлината, а при директна изложеност на сонце, да носат заштитни очила и капа. Да консумираат лесна храна и течности, и посебно да се внимава при подготовка и консумирање на храната, и да избегнуваат термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца и внимателно да се консумира сладолед и разни кремови“, велат од Министерството за здравство.
Според препораките при влегување во возило тоа треба да се проветри, а во екстремно топлите периоди луѓето да престојуваат во затворени простории кои се климатизирани, а надвор да наоѓаат можност за почести одмори и сенка.
„На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на пропишаната терапија“, велат од Министерството за здравство.