Нови три случаи на заразени со мали сипаници или морбили денес лабораториски се потврдени во Институтот за јавно здравје.
На 23 септемви, Центарот за јавно здравје Скопје прогласи ограничена епидемија на морбили во Општина Гази Баба, каде пет лица беа заразени со оваа болест, која може да предизвика тешки компликации и смрт.
Новозаразените исто така се од Општина Гази Баба, а од Министерството за здравство велат дека се во непосредна роднинска врска со претходно заболените, и дека биле во контакт со нив.
„И овие пациенти живеат во областа кванташка депонија – на теријата на општина Гази Баба, каде претходно беше прогласена и епидемија“, велат од Министерството за здравство.
Еден од пациентите е на возраст од 27 години и тој претходно не бил вакциниран против морбили, а две се деца на возраст од три и пет години, кои вакцината против морбили ја примиле пред неколку дена во рамки на акцијата на центрите за имунизација за вакцинирање на контакти и невакцинирани лица.
„Сепак кај овие дечиња контактот со заболен бил неколку дена претходно, односно вирусот веќе бил во развојна фаза, додека за дадената вакцина против морбили потребни се повеќе денови за создавање имунитет. Возрасниот пациент не е претходно вакциниран, додека за време на акцијата за вакцинирање не бил присутен во областа. Сите се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести“, велат од Министерството за здравство.