По анонимна претставка од „судски советници кои работеле со судијата“, Судскиот совет влегол во Апелациониот суд Скопје, да ги тресе посочените сомнителни предмети што ги водел судијата во куќен притвор Ѓоко Ристов, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од судот. Во претставката имало наведено сомневања за корупција и за нестручно и несовесно работење.
А претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски денеска рече дека немало претставка против Ристов од негови колеги.
Добиената анонимна претставка уште во ноември лани, два месеца седела во фиока. Таа се најде на дневен ред пред две недели, на 534-та седница на Советот. За точките на дневен ред одговорен е претседателот на Судскиот совет, во случајов Александар Камбовски.
Како што веќе напиша САКАМДАКАЖАМ.МК, луѓето ја поднеле претставката далеку пред апсењето на Ристов, односно пред Обвинителството и МВР да му најдат во ѕид соѕидани 350.000 евра со непознато и прикриено потекло.
На новинарско прашање денеска Камбовски рече дека не може да каже колку претставки имало за Ристов и рече оти дека претставка од негови колеги немало.
Оваа претставка ја реферираше членката на Советот Павлина Црвенковска. Ја вративме снимката на јутуб-каналот и кај 35-та минута таа вели:
„Претставка број 341. До Судскиот совет со оваа претставка како анонимни подносители се обратиле вработени судски советници коишто работат со одреден судија во Апелациониот суд за негово постапување, а по нивни сознанија, во предмети коишто се наведени во претставката. Тие сметаат дека станува збор за нестручно и несовесно работење“.
Во принцип имињата на ваквите судии се анонимни, но Црвенковска и Камбовски веднаш ѝ се обраќаат на координаторката на судот за да ја испита пријавата, и судијката Антоанета Димовска се јавува за збор. Димовска е координаторка на Апелациониот суд Скопје.
Таа бара да се формира комисија за да не оди сама, зашто како што вели, таа е граѓански судија, а се оди кај судија кривичар. Таа потенцира дека „се работи за голем број предмети“, а и „со оглед на содржината на претставката“, како што потенцираше, треба за предметите на пријавениот судија да оди работна група.
Неофицијално, веднаш е формирана комисија од координаторката Димовска, од Данка Ристова и Џенета Бегтовиќ. Овие три членки на Судскиот совет ги чешлаат предметите на Ристов кај што бил судија–известител и некаде како судија-член на судечки совет.
С. К. ДЕЛЕВСКА



