Тројца од обвинетите за насилните протести по пресудата за „Монструм“ на 26 февруари на денешното судење признаа вина и судот им изрече затворски казни од по една година. Вина признаа Шабан Весели, Бехар Далити и Бесар Калиси, додека обвинетите Артон Садики и Фабио Идризи се изјаснија како невини и за нив судењето продолжува. За шестиот обвинет Бесим Касами ќе се води издвоена постапка поради неговата влошена здравствена состојба, исто како и за седмиот обвинет Суља Башким, бидејќи не е достапен за органите за прогон.
Скопското обвинителство ги товари обвинетите за кривичното дело Учество во толпа која ќе изврши кривично дело, за што е предвидена казна од шест месеци до пет години казна затвор.
Според обвинението, обвинетите на 26 февруари, како учесници на протест за пресудата во предметот „Монструм”, биле дел од толпата која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Обвинетите и други засега непознати лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.